Хуманитарни активности на Македонците од Србија во чест на Тоше

Форумот на млади Македонци од Србија викендов во Панчево одржа хуманитарната акција насловена „Срцето не е камен” во чест на одбележувањето на роденденот на големата македонска и балканска музичка ѕвезда Тоше Проески.

Во Заводот за трансфузија во Панчево,  била организирана крводарителска акција, а меѓу донаторите биле и претставниците на македонскиот национален совет на чело со претседателот Борче Величковски, заменик претседател на општината Панчево Милица Тодоровиќ, претседателот на Месната заедница „Јабука“ Слободан Илиќ, како и македонската музичка ѕвезда Даниел Кајмакоски.

Во рамките на посетата на Панчево, Кајмакоски се дружел со своите фанови и го посетил Центарот за афирмација и заштита на македонската традиција.

Вториот дел на манифестацијата бил одржан во клубот „Купе’’ каде покрај Даниел Кајмакоски, настапила и Александра Милутиновиќ. Пред преполниот клуб музичарите ги пееле хитовите од Тоше.