Новите работни места се приоритет на ВМРО-ДПМНЕ и Владата

Сузбивањето на невработеноста и отворање на можности за нови вработувања е еден од основните приоритети на ВМРО-ДПМНЕ и Владата која ja предводи, беше истакнато на вчерашниот состанок на кој претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски заедно со ресорните функционери ги разгледуваа мерките од оперативниот план за вработување.

Клучот на отворањето на нови работни места не се само странските инвеститори, туку и поддршката на домашните компании.

-Нас вработувањата ни се врвот на нашите приоритети, до сега имаме сериозен успех, отворивме над 150.000 работни места  со различни мерки и активности, во голем дел преку привлекување на странски инвестиции но и во голем дел преку охрабрување на домашните инвеститори да отворат нови работни места, да инвестираат да отворат нови погони. Но и значаен дел беше и поддршката на Агенцијата за вработување преку големиот број на проекти кои што ги имавме, подвлече Груевски.

47.000 вработувања се резултат на имплементацијата досегашните мерки од оперативните планови за вработување.

Вицепремиерот Ставрески вели дека вистинска заблуда е да се смета дека невработеноста се намалува како резултат на отселувањето, односно намалувањето на активното население. Бројките го кажуваат спротивното односно дека активното население се зголемило за 70 илјади лица споредено со 2006та.

-Тоа е неточно. Податоците од статистика покажуваат дека активното население во 2015 година со последен податок од септември е 954.610 лица, а во 2006 бил 885.600 лица.  Тоа значи дека денеска за 70.000 лица активно население има повеќе од 2006 година, заклучи Ставрески.

Вицепремиерот Владимир Пешевски ги образложи програмите за самовработување потенцирајќи дека заинтересираните добиваат огромна помош од државата.

-Една од мерките е програмата за самовработувањесо кредитирање, а ова е програма која што се дава на почетници кои што отвораат бизнис и идејата е да се здружат до 5 лица и заедно да побараат од АВРМ кредит. Кредитот кој што го дава агенцијата е прилично поволен со 1% каматна стапка годишно, 1 година грејс период и 4 години период на враќање. Носителот на активноста може да подигне до 5 илјади евра а останатите до 3 илјади евра, а ако е стечаен работник може да подигне и до 4 илјади евра, рече Пешевски и заклучи дека збирно 5-те лица можат да подигнат средства до 21.000 евра.

Направена е обемна анализа на огромен репрезентативен примерок при што е заклучено дека постојат 7 600слободни работни места, и ова е за постоечката ситуација немајќи ги в обзир странските инвестиции кои се додатни.

Пешевски вели дека ваквите мерки се силен ветер во грбот за почеток на бизнис.

Покрај 28-те активни мерки во текот на месец февруари ќе се објават две нови активни мерки.

-Првата мерка е поддршка на за отворање работни места за микро и мали претпријатија а втората мерка е обука на за глуви лица и за лица со оштетен вид или слепи лица, објави Диме Спасов.

Спасов истакна дека се обезбедени средства за да се спроведат обуки на 100 слепи лица кои ќе се обучуваат за масери. Истите ќе поминат 3 месечна обука, а покрај обуката за масери, тие ќе поминат и обука за ориентација во простори описменување на Браево писмо. Глувите лица ќе се обучуваат за заварувачи.