Ременски: Се утврдува одговорност за кочење на проектот „Се грижиме за топол дом“

Техничката министерка за труд и социјална политика, Фросина Ременски, ги дематира информациите изнесени во текстот со наслов „Ременски повторно кочи проекти на МТСП“.

Демантот ви го пренесуваме во целост:

Министерот за труд и социјална политика д-р Фросина Ташевска-Ременски ги смета како тенденциозни информациите во медиумите по однос на обврската на Министерството за труд и социјална политика за потпишување на договор со компанија за превоз на покуќнина за Проектот “Се грижиме за топол дом”.

Имено, постапката за јавна набавка за избор на превозник е започната во септември 2015 година и од страна на надлежните во министерството се до сега не биле преземени потребните чекори за завршување истата и соодветно на тоа склучување на договор.

Ненавременото постапување на надлежните во министерството коишто од само за нив познати причини ја кочеле целокупната постапка веќе е предмет на постапка на утврдување на одговорност во министерството.

Дополнително, укажуваме дека сите проекти коишто се однесуваат на унапредување и грижа на граѓаните во социјален ризик се приоритет на овој министер и најмалку треба да бидат тема за политичко препукување и манипулација со јавноста.