Поднесени 270 амандмани на резолуцијата на ЕП за Македонија

Вкупно 270 амандмани се поднесени на Предлог-резолуцијата за Македонија на известувачот Иво Вајгл, што за напредокот во европските интеграции во март треба да ја изгласа Европскиот парламент, јави дописникот на МИА од Брисел.
Како што е веќе редовна пракса кога станува збор за македонската Резолуција во законодавниот дом на ЕУ, грчките и бугарските европратеници се рекордери во бројот на поднесени амандмани на предлогот на словенечкиот европратеник Вајгл, Европарламентот да ја поддржи условената препорака на Европската комисија за отворање на пристапните преговори на ЕУ со Македонија и побара итно отворање на преговорите.
Европратеникот од грчката неофашистичка „Златна Зора“, генералот во пензија Јоргос Епитидеиос, заедно со неговиот колега Ангел Џамбаски од бугарската националистичка партија ВМРО-БНД Красимир Каракачанов, се предводници на новата канонада на амандмани на Резолуцијата за Македонија во ЕП. Стандардно, тие и дел од другите грчки и бугарски европратеници бараат бришење на пресудата од Меѓународниот суд на правдата од 2011 година дека Грција нема право да ја блокира Македонија во евро-атлантските интеграции. Исто така, тие ги потенцираат заклучоците на последните Самити на Европскиот совет во однос на Македонија, дека добрососедските односи и изнаоѓање на заеднички прифатливо решение за името и исполнување на Пржинскиот договор и на итните реформски приоритети се од најголема важност за македонската држава.
Грчките европратеници, предводени од неофашистот Епитидеиос, се обидуваат во амандманите да обезбедат бришење на придавката „македонски“ од целата Резолуција и нејзина замена со „ФИРОМ“ или како што и поранешниот известувач за Македонија во Европарламентот, Ричард Ховит, бара во амандман се што е „Македонија“ или „македонски“, да се замени со „оваа земја“ или „земјата“.
Токму Ховит бара и силно да се потенцира „дискриминација на ЛГБТ заедницата во Македонија“, додека неговите грчки и бугарски колеги обвинуваат дека Македонија „не соработува доволно со Обединетите нации за прашањето за името“ и дека „со билатералните проблеми со Грција и Бугарија се прави обид да се засенат внатрешно-политичките проблеми“. Токму во овој дел, Грците се обидуваат силно и со многу амандмани да го сменат параграфот во извештајот на Вајгл во кој се споменува дека „билатералните проблеми не смее да го блокираат отпочнувањето на пристапните преговори“.
Покрај на Џамбаски и на грчките европратеници, политичктата криза и справувањето со бегалската криза, во негативен контекст се обидуваат преку амандман во Резолуцијата за Македонија да го вметнат и неколку други европратеници, меѓу кои и досегашниот голем пријател на македонската држава во ЕП – Едуард Кукан. Токму овие европратеници, се обидуваат и да исчезне реченицата „најнапредна земја во делот на усогласување со законодавството на Европската унија“ што редовно се наоѓа на почетокот на досегашните пет Резолуции на Европарламентот за нашата земја.
Бугарските европратеници Џамбаски, Ангел Ковачев и Сергеј Станишев, инсистираат во амандмани дека е неопходно да се спроведе попис на населението во Македонија и на истиот „да биде вметната графа за Бугари“. Тие, исто така, повторно бараат славење на заеднички историски настани и лица, интерпретација на историјата „без идеолошка конотација“ и воспоставување на заедничка експертска комисија за историјата.
Во однос, пак, на позитивните амандмани за македонската Резолуција на Европарламентот, тука предничи претседавачот со Мешаниот парламентарен комитет на ЕП и македонското Собрание, Словенецот Алојз Петерле, кој инсистира да се помогне Макеоднија да ги започне преговорите за членство со цел „да се избегне асиметричното приближување на Западниот Балкан кон Европската унија“. Голем број позитивни амандмани за Македонија има и од други европратеници од Хрватска, како Андреј Пленковиќ, Давор Иво Штиер, Маријана Петир и Ивана Малетиќ, од Словенците Патриција Шулин и Милан Звер, како и од Унгарците Тамаш Месериш и Игор Шолтес, Естонците Келам и Пает и од либералот Луис Михел од Белгија.
Сепак, годинава има помалку амандмани за македонската Резолуција отколку лани, кога имаше 290 амандмани, но сепак е премногу ако се земе предвид дека во 2014 година, имаше 170 амандмани на Резолуцијата на Европарламентот за македонската држава.
Известувачот за Македонија во ЕП, Вајгл, претходно за МИА изјави дека е важно да се разреши час поскоро политичката криза во Македонија, за земјата да може да напредува во евроатлантските интеграции.
– Се разбира, тука ЕК и ЕП стоиме на иста позиција дека препораката е условена со напредок во извршувањето на сите точки од договорот од Пржино и со организирање на беспрекорни и демократски избори во април 2016 година. Ако тие два услова бидат исполнети, а мислам дека е тоа целосно објективно и неопходно, верувам дека Македонија може да напредува, посочи Вајгл во изјава за МИА.
Последен рок за предложување амандмани на Резолуцијата на ЕП за Македонија беше 14 јануари. Второто читање пред Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на законодавниот дом на ЕУ е закажано за 16. овој месец, а усвојување на посочениот Комитет ќе се одржи на 23. февруари. Конечната верзија на Резолуцијата на Европарламентот за Република Македонија е закажано да се усвои на пленарна седница во Стразбур што ќе се одржи меѓу 7 и 10 март 2016 година.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.