Општините ќе нудат плацеви за проектот „Купи куќа за млади“

Секоја општина која е заинтересирана може да аплицира на огласот од Министерството за транспорт и врски, за изработка на урбанистички планови за изградба на објекти наменети за „Купи куќа за млади“. Огласот трае до 10. 02. 2016 година, а од Министерството за транспорт и врски информираат дека ќе ги субвенционираат урбанистичките планови. Очекувањата се, секоја општина да урбанизира локации за најмалку 100 куќи.

За новиот проект „Купи куќа за млади“, за кој веќе се донесоа законски измени се предвидува во секоја општина каде што градоначалникот е од ВМРО-ДПМНЕ да има понуда, истакна вчера лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски.

-Градоначалникот на Илинден планира најмалку илјада нови локации од кои 850 ќе бидат лоцирани веднаш до оваа населба, а од другата страна на автопатот на влезот од Ајватовци, до слободната економска зона Бунарџик ќе има уште 150 локации. Доколку овие локации се продадат наскоро ќе има и нови локации. Тоа е извонредна можност за младите за секој млад човек кој сака да си го реши своето прашање за домување и тука помагаме максимално, нагласи Груевски.

Tипски населби за реализација на „Купи куќа за млади“

Новата типска населба „Јака“, која веќе се гради во општина Илинден е пилот-проект предвесник на проектот „Купи куќа за млади“, кој треба да им помогне на сите, а особено на младите кои сакаат да го решат своето прашање за домување под многу поволни услови, изјави Груевски по посетата на оваа населба во општина Илинден. Идејата за ваков вид населба потекнало од еден негов разговор со градоначалникот на Илинден, за луѓето да можат да си изградат куќи, така што земјиштето да го купат по симболични цени, со многу ниски комуналии и да имаат локации, бидејќи, вели, освен цената на земјиштето и цената на комуналиите проблем беше да се најдат локации за изградба на куќи за стотици граѓани.

Од 500 локации во типската населба 490 веќе се продадени при што 80 куќи се изградени барем во фаза на карабина, а многу други почнуваат да се градат. Паралелно на тоа општината веќе ги гради улиците, водоводите, итн, рече Груевски и најави можност за помош во делот на инфраструктурата и од Владата од Програмата за рурален развој.

-Иако овој проект е започнат пред проектот Купи куќа за млади на некој начин ова е предвесник на тој проект. Веќе со градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ низ цела Македонија правиме план како проектот брзо да се развие, а оваа локација тука и дел во Петровец се пилот проект од кој секој може да види како тој ќе изгледа, како ќе се развива и колку луѓето се задоволни од тоа. Јас навистина, поминувајќи тука покрај овие куќи, видов среќни и задоволни луѓе од можноста, која им се даде да добијат евтина локација, ниски комунали и генерално да најдат локација за својата куќа која нема да биде дивоградба, туку урбанизирана со сите дозволи, да имаат мирен сон и да не се тревожат дали некој ќе им ја сруши куќата, посочи Груевски.

Планот на Владата кој се реализира во соработка со општините, е да се воспостават типски населби на целата територија на Република Македонија, во секоја општина, каде што ќе може да се купи земјиште за изградба на куќа по почетна цена од 1 евро за метар квадратен. Ова во голема мера би обезбедило заштеда на огромни трошоци за граѓаните, имајќи во предвид дека во некои општини вообичаената цена на градежното земјиште, надвор од овие предвидени локации, изнесува и по 100 и 200 евра за метар квадратен.

-Покрај тоа што даваме значителна поддршка преку финансирање на ратата во период од 11 години и 100% покривање на учеството во кредитот за стекнување на куќа, ја стартувавме и постапката со која ќе се овозможи воспоставување на нови типски населби во кои ќе се овозможи купување на земјиште за изградба на куќи по почетна цена од 1 евро за метар квадратен. На овој начин ќе овозможиме дополнителна поддршка на семејствата, и огромна заштеда на трошоци за купување на земјиште, имајќи во предвид дека цената на градежното земјиште во некои градови е и по 100 и 200 евра за метар квадратен, и сметаме дека секако овој проект е во најдобар интерес за граѓаните и мотив повеќе за семејствата да може да размислуваат за стекнување со куќа Општините се добредојдени да се пријават на огласот на министерството за транспорт, и врз основа на нивните барања Владата ќе изработи урбанистички планови, истакна владиниот портпарол, Александар Ѓорѓиев.

gjorgjiev-aleksandar

 

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.