Трамп и Сандерс победија на прелиминарните избори во Њу Хемпшир

Трамп и Сандерс победија на прелиминарните избори во Њу Хемпшир
Трамп и Сандерс победија на прелиминарните избори во Њу Хемпшир
Републиканецот Доналд Трамп и демократот Берни Сандерс победија на вчерашното прелиминарно гласање во американската сојузна држава Њу Хемпишир за избор на кандидати за претседател на САД на Републиканската и Демократската партија.

Милионерот Трамп освои над 35 отсто од гласовите меѓу републиканските кандидати, оставајќи го далеку зад себе на второто место гувернерот на Охајо, Џон Кесич за кого гласаа речиси 16 проценти од избирачите.

Сенаторот од Тексас, Тед Круз со 11,5 отсто од гласовите се најде на третото место, пред поранешниот гувернер на Флорида, Џеб Буш со нешто над 11 проценти, сенаторот од Флорида, Марко Рубио со 10,5, гувернерот на Њу Џерси, Крис Кристи со 7,5, поранешната менаџерка на АТТ, Карли Фиорина со околу четири отсто и неврохирургот Бен Карлсон со нешто над два проценти. Остантите претенденти за номинацијата републикански кандидат за претседател на САД освоија по еден отсто од гласовите.

Во редовите на демократите пак, сенаторот од Вермонт, Сандерс освои околу 60 отсто од гласовите, нанесувајќи и тежок пораз на фаворизираната поранешна државна секретарка Хилари Клинтон, за која гласаа нешто над 38 проценти од избирачите. Сите останати демократски кандидати за претседател на САД заедно добија околу 1,5 отсто од гласовите.

Аналитичарите оценуваат дека ваквите резултати се доказ за длабоката поделба во двете најголеми партии во САД и укажуваат на долга и неизвесна борба за претседателските номинации претстојнава пролет/

Прелиминарното гласање во Њу Хемпшир е второ во низата, по минатонеделното во Ајова, каде меѓу републиканците победи Круз, а кај демократите Клинтон.

Следните прелиминарни партиски избори ќе се одржат во Јужна Каролина и Невада.