Економија

„Тиквеш“со два милиона инвестиција во врвни вина

„Тиквеш“со два милиона инвестиција во врвни вина
„Тиквеш“со два милиона инвестиција во врвни вина

Винарската визба „Тиквеш” останува на стратегиската опредлеба – континуирано инвестирање во производството, подобрување на квалитетот и промоција на македонското вино во светот.

Како што информира генералниот директор Игор Илиевски на средба со новинарите, компанијата продолжува да вложува со несмалено темпо, а фокусот и натаму е што поголем обем на продажба пред се на странските пазари како единствен начин за долгорочна одржливост и раст на бизнисот, пишува МИА.

Изминатите десетина години „Тиквеш“ вложил преку 30 милиони евра во осовременување на капацитетите и подигање на квалитетот воопшто – опрема, технологија, лозови насади, знаење, човечки ресурси. Процесот беше заокружен со ланската инвестиција во врвни вина од околу два милиона евра.

– Заокружувањето на целиот процес за производство на премиум вина е околу два милиона евра. За оваа година првично се планирани 700 илјади евра, од кои делумно за дозавршување на тоа произвдоство, а делумно на инвестирање во лозови насади, едукација на човечки ресурси, доосовременување на технологии и користење обновливи извори на енергија, рече директорот.

Минатата година, оцени, беше исклучително успешна за „Тиквеш“ и рекордна во однос на освоените награди на сите значајни светски фестивали. На домашниот, а посебно на надворешните пазари винаријата успеа да оствари зголемен пласман. Паралелно направи пробив и на нови пазари. Предвидувањата, и покрај околностите во регионот, како што нагласи Илиевски, се релативно оптимистички.

– Наградени беа и вината од 2014-та која важеше за проблематична берба. Лани имавме уште поголем потенцијал за освојување награди, додаде директорот.

Според него, поднебјето нуди одлични услови за одгледување винова лоза и правење врвно вино, а тоа може да се материјализира единствено преку континуирано инвестирање во производството, унапредување на технологијата и човечките ресурси.

– Промоцијата на македонското вино во светот останува наша клучна стратегиска определба зашто само така можеме да направиме исчекор на светската сцена и како компанија и како Македонија. Македонското вино е стратегиски производ, веруваме дека со него земјава може да биде препознаена во светски рамки. За тоа имаме потврди од релевантни странски познавачи на виното, посочи Илиевски.

„Тиквеш“ учествуваше и на огласот за „Бадел“, кој, како што истакна директорот Илиевски, бил поништен, иако станувало збор за нешто што би можело да има перспектива.