ВМРО-ДПМНЕ: Функционерите на партијата осудени на пресот на СЈО немаат сторено кривично дело

ВМРО ДПМНЕ ја добива довербата од граѓаните во изминативе 10 години врз база на проекти и мерливи резултати. Таа доверба не може да биде оспорена со никакви конструкции и фабрикувани афери. Напротив таа доверба уште посилно ќе биде потврдена на претстојните избори, посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

ВМРО ДПМНЕ гласаше и го поддржа изборот на Специјалното јавно обвинителство. За жал, изминатиов период бевме сведоци на непримерни изјави од страна на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, обвинет во повеќе кривично-правни случаи, во кои тој ги најавуваше чекорите на Специјалното јавно обвинителство. Уште потрагично е тоа што ваквите изјави не само што не беа демантирани, туку со многу чекори беа потврдени. Со тоа беше драстично нарушен кредибилитетот на институцијата и се фрли сенка на нејзината професионалност и непристрасност.

Јавноста беше сведок дека сопругата на Зоран Верушевски, јавно му се заблагодаруваше на Зоран Заев, затоа што Катица Јанева побарала да не биде продолжен притворот на првоосомничениот во случајот „Пуч“. Јавноста беше сведок на десетици пријави од страна на лица кои се жалеа на непрофесионалниот и незаконскиот однос на СЈО. Сите овие дамки останаа без одговор на денешната прес конференција, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Во него се потенцира дека ВМРО ДПМНЕ нема да поддржи незаконско и неуставно работење. Секој орган и секоја институција мора да делува во рамки на своите надлежности бидејќи никој не е над Уставот и законите. Нападите врз Советот на јавни обвинители, орган кој е задолжен за контрола на работењето на СЈО, секако не оди во прилог на градењето на кредибилитетот на СЈО, туку уште повеќе го подрива.

 Денес бевме сведоци на политички настап во кој беа прозвани голем број лица. Функционерите на партијата кои индиректно беа осудени на прес конференцијата на СЈО немаат сторено никакво кривично дело и тоа ќе го докажат во натамошната постапка, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.