Историска средба помеѓу патријархот Кирил и папата Фрациско (ВИДЕО)

Рускиот патријарх Кирил и папата Франциско се сретнаа синоќа во Хавана, и тоа беше првата средба на еден папа и некој руски патријарх.
 Средбата на црковните поглавари зад затворени врати траеше повеќе од два часа. А пред самиот почеток, патријархот Кирил кажа дека двајцата се сретнуваат во вистинско време.

Тие срдечно се поздравија и се бакнаа три пати пред почетокот на средбата, а папата Франциско кажа „ние сме браќа“.

По два часа разговори, папата и патријархот потпишаа заедничка декларација во која, меѓу другото, ја повикуваат светската заедница да пружи помош од големи размери на бегалците од Сирија и Ирак.

Свеченото потпишување на документот беше одржано во една од салите на меѓународниот аеродром во Хавана, каде што беше одржан и разговорот.

Папата и патријархот изразија надеж дека расколот меѓу православните христијани во Украина ќе биде надминат врз основа на канонските норми и соопштија дека унитаризмот не е патот кон обединување на црквата. Тие во заедничката декларација ги повикаа своите цркви да не го поддржуваат понатамошниот развој на конфликтот во таа земја.

„Тагуваме поради конфликтот во Украина кој веќе зема многу животи, кој им предизвика безброј страдања на цивилите, кој го вовлече општеството во длабока економска и хуманитарна криза. Ги повикуваме спротивставените страни да му се вратат на разумот, општествената солидарност и заложбите за мир. Ги повикуваме нашите цркви во Украина да се трудат да се врати слогата во општеството, воздржување од непријателство и да не се поддржува понатамошниот развој на конфликтот“, се вели во заедничката декларација на папата и патријархот.

Двајцата верски лидери оценија дека обновата на христијанството во Русија и многу земји во Источна Европа е без преседан.

„Сведоци сме на високите вредности на религиската слобода, му благодариме на Бога за обновувањето на христијанската вера без преседан кое се случува денес во Русија и многу земји од Источна Европа, каде со децении владееја атеистички режими“, се вели во текстот на декларацијата.

Покрај декларацијата, по средбата се огласија и папата и патријархот, кои истакнаа дека православната и католичката црква можат активно да работат заедно.

„Минавме два часа во отворена, братска дискусија, со целосно разборање на одговорноста на нашите цркви, за своите верници, за иднината на христијанството и за иднината на цивилизацијата. Тоа беше многу содржаен разговор кој ни помогна меѓусебно да се разбереме“, кажа патријархот Кирил.

Според него, резултатите на овој разговор даваат можноста „двете цркви денес активно да соработуваат штитејќи ги христијаните низ светот и со целосна одговорност да работат на тоа да нема војна, секаде да се ценичовечкиот живот“.

Папата Франциско истакна дека со поглаварот на Руската православна црква разговарал отворено, како брат со брат.

Средбата на папата и поглаварот на Руската правславна црква се смета за историски настан по речиси илјадагодишната поделба на христијанството на источна и западна црква.