Турција ги гранатира сириските Курди

Турција ги гранатира сириските Курди
Турција ги гранатира сириските Курди

Најмалку две лица загинаа денеска при нови напади на турската армија врз позициите на силите на партијата на сириските Курди, Демократската унија, во северниот дел на Сирија, соопшти Сирискиот центар за мониторинг на човековите права.

Според истиот извор, цел на нападите биле воениот аеродром во градот Муниг, северно од градот Алепо и околните подрачја, кои силите на сириските Курди во средата ги презедоа од исламистичките бунтовници, кои се борат против сириската Армија.

Турската армија ги почна нападите врз позициите на Демократската унија, која Анкара ја смета за терористичка организација поврзана со Курдската работничка партија (ПКК), вчера во попладневите часови, по што турскиот премиер Ахмет Давутоглу побара од оваа групација „да се повлече од териториите што ги зазеде неодамна“.

Денешниот напад уследи и покрај синоќешните барања на САД, Турција „да прекине со нападите и со артилерискиот оган“ врз позициите на силите на сириските Курди.

„Турските воени сили ги гранатираат позициите на ПИД во регионот Азаз“, изјавил извор од турската влада за Ројтерс.

Воздухопловната база беше клучна стратегиска мета за неколку групи вклучени во сириската граѓанска војна од 2012 година. Таа најпрвин беше под опсада на „умерените“ бунтовници речиси цела година пред да биде преземена од борци на ИСИС и Ал нусра фронтот во август 2013.

 Загрижени сме поради состојбата северно од (градот) Алепо и работиме на деескалација на тензиите во сите правци, изјави доцна синоќа портпаролот на Стејт депертментот, Џон Кирби.