недела, 23 јули 2017  |  Вести денес: 43

Подобар туризам во 2016, хотелиерите бараат субвенции

turizam

Последни вести

Работниците од областа на туризмот очекуваат оваа година да биде подобра од ланската иако проблемите во секторот, како што информираа денека не се решени.

Тие на прес-конференција во Стопанската комора нагласија дека бараат стимулации, посебно за хотелиерството, намалување на ДДВ на храната во угостителските објекти од 18 на пет отсто и измена на Правилникот за нивна категоризација.

– Под притисок на зголемениот обем странски гости, се бара од хотелските капацитети да ги симнуваат цените на многу ниско ниво, а понудата на порталот www.booking.com е масовна иако повеќето хотелски објекти, хостели, пансиони изложени таму немаат добиено категоризација согласно документите дефинирани во Министерството за економија што создава простор за нелојална конкуренција, истакна Даниела Василевска Михајловска од Стопанската комора.

Според неа, минатата година покажа дека девизниот прилив е намален во однос на 2014-та за околу 25 отсто, а намалување бележи и бројот на домашни гости. Прометот од пијалоци и храна е зголемен, но опаѓа прометот од бројот на ноќевања.

– Сите овие прашања треба да бидат сериозно разгледани на државно ниво.  До надлежните институции ги доставивме пред повеќе од шест месеци, но одговор се уште нема, нагласи Василевска Михајловска.

Таа подвлече дека намалениот промет од ноќевањата е загрижувачки податок за хотелиерите зашто значи многу ниски цени на нивните услуги што, пак, укажува на работа на праг на рентабилност и немање доволно средства за инвестиции и воведување нови содржини во хотелите.

Заменик-претседателот на Здружението на угостителството и туризмот Славе Сирачевски дополни дека Македонија има многу поголем потенцијал од она што моментно го остварува како девизен прилив од туризмот. Околу 100 до 150 милиони евра приход е многу мала бројка, смета Сирачевски, ако се земе превид дека Црна Гора остварува 2,5 милијарди или Хрватска преку седум милијарди евра.

– Оваа, 2016 година очекуваме да биде поуспешна. Има преголем интерес за Македонија, но сето тоа треба многу подобро маркетиншки да го сработиме, укажа Сирачевски.

Коментирајќи ги субвенциите за носење туристи од Далечниот Исток, Сирачевски рече дека оваа категорија гости не сакаат да ја видат само Македонија, туку и другите земји во регионот поради што се работи на реализирање заеднички проекти и тури. Во фокусот на македонските туристички работници, сепак, како што нагласи, се гостите од Европа.

Статистиката покажува дека најбројни странски туристи во Македонија се соседите, Турците и Холанѓаните.

Најчитани вести