Привршуваат работите за заштита на црквата „Св.Илија“ во Стар Дојран

Наскоро целосно ќе се реализира проектот поткрепен од Министерството за култура за непосредна заштита на црквата „Св. Илија“ во Стар Дојран, која претставува значајно културно наследство од XIX век.

Од Министерството за култура соопштија дека реализацијата на проектот се одвивала во неколку фази. Во првата фаза била направена конзервација на оригинално зачуваните делови од подната покривка на црквата и реставрација на партиите што недостигаат, по што целосно е оформен подот на црквата. На овие конзерваторско-реставраторски активности претходело археолошко истражување на просторот под подното ниво, со што беа откриени постари сакрални градежни структури.

Втората фаза била реализирана во 2013 година и подразбираше конзервација и реставрација на источната фасада од црквата, додека во 2014 година се одвивале реставраторско-санациските работи на внатрешните ѕидови од објектот, оформувањето на отворите за прозорци и врати, како и финалните работи на подот и на скалишниот простор од нартексот.

Во 2015 година било извршено малтерисување на внатрешноста на црквата. Исто така, завршила и тендерската постапка, по што бил избран најповолен изведувач, кој ја започнал реализацијата на предвидените активности.

Реализацијата на проектот, кој се однесува на непосредната заштита на црквата „Св. Илија“, планирано е целосно да заврши оваа година, во спомен на стогодишнината од бомбардирањето на објектот во Првата светска војна кога претрпе сериозни оштетувања и беше ставен надвор од употреба. Неславниот јубилеј ќе биде одбележан со преосветување на храмот и негово ставање во активна црковна служба, стои во соопштението.