Би-Би-Си: Руската црква го менува ставот кон Ватикан

Руската православна црква (РПЦ) и официјална Москва имаат поинакво гледање кон Ватикан, а посебно кон сегашниот поглавар, папата Фрaнциско, не толку поради изменетиот став кон католицизмот, колку поради актуелните состојби во руското опкружување и опасната криза на Блискиот Исток, пишува Би-Би-Си.

Британскиот медиум ги анализира условите во кои дојде до „историската средба“ на еден руски патријарх и католички папа, за прв пат по безмалку илјада години и заклучува дека Ватикан и РПЦ имаат за прв пат идентичен став за една работа, а тоа е положбата на христијаните на Блискиот Исток и во северна Африка.

Папата, а потоа и РПЦ, подоцна и рускиот претседател Владимир Путин, ги оквалификуваа насилствата врз христијанските верници во Сирија и во Ирак, како „геноцид“ согласувајќи се дека џихадистите убиваат христијани и ги протеруваат од нивните домови, не водејќи сметка за тоа дали се католици, или православни верници.

Москва во папата Франциско гледа како на „миротворец“ кој успешно менаџираше да дојде до обнова на кубанско-американските дипломатски односи, по прекин од половина век. Во Кремљ тој не се смета како „послушник на Вашингтон“, туку како лидер кој секогаш не се согласува со сите потези на САД и заговара дијалог, наспроти конфронтации.

Според Би-Би-Си, промени има и во Москва, во ликот на сегашниот руски патријарх Кирил кој веќе има испратено на неколкупати „позитивни гестови„ кон католичката црква, наспроти сите негови претходници.
Се верува дека за вопоставувањето дијалог со Ватикан, важно е и тоа што Кирил има многу поблиски врски со Кремљ, поради што во Лондон се верува дека за првиот дијалог меѓу РПЦ и еден папа, по поделбата во христаијанство во 1054 година, силна улога има официјална Москва и претседателот Путин.

Средбата во Куба, на хаванскиот аеродром ја барала Москва, затоа што РПЦ не сакала да дојде до еден ваков историски настан на европско тло, каде според руското свештенство, е создаден расколот и каде се водени војни за превласт.

Ова го објаснува одобивањето на РПЦ (и на Москва) за ваква историска средба со поранешниот папа, Јован Павле Втори.

Руската страна не прифаќаше средба со папа од словенско потекло, особено што црквата во Русија и Москва, се гневни на однесувањето на западните цркви и нивното влијание во Украина, посебно во западниот дел од оваа земја.

РПЦ ја има прогласено грчката унијатска црква за „непријателска„ а Москва е незадоволна од случувањата по падот на комунизмот, кога католичката црква во западна Украина, во 80-те и 90-те години на 20 век, присвои 500 цркви и ги прогонуваше православните христијани.

Двете страни, сепак , сега имаат потреба, една од друга.

Тоа посебно се однесува околу градењето мир во Сирија и очувувањето на христијанството во регионот, не за да се создаде христијански сојуз, наспроти исламот, туку за се воспостави мост меѓу религиите, низ толерација и меѓусебно почитување, што е една од основните опеределби на папата Франциско.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.