Македонија и Србија ќе развиваат поблиска соработка

Македонија и Србија делат многу заеднички работи вклучувајќи ја и европската перспектива, оценија денеска во Белград шефовите на дипломатиите на Србија и Македонија, Иван Мркиќ и Никола Попоски и најавија поблиска соработка.

„Нашите односи се необично добри и одлучни сме да ги зајакнеме во секоја смисла, а за тоа најмногу говорат плановите за идните активности на двете влади, изјави Мркиќ на заедничката прес-конференција со македонскиот министер Попоски“, јави Танјуг.

Мркиќ потсети дека Белград и Скопје минатата година ја организираа првата заедничка седница на владите на двете земји и дека се планира другата половина од оваа година да се организира нов заеднички состанок.

„Многу работи се пред нас што треба да се направат, а сето тоа е во функција на јакнење на соработката во сите области“, подвлече шефот на српската дипломатија.

Мркиќ додаде дека во тој поглед со македонската страна е договорено да се направи програма за заеднички констатации во сите области. Тој напомена дека Србија со соседна Македонија има високо ниво на трговска размена и дека целта е да се достигне една милијарда на годишно ниво. На состанокот станало збор и за ситуацијата во регионот и за односите со ЕУ, додаде Мркиќ, потсетувајќи дека двете земји сакаат да станат нејзини полноправни членки.

„Имаме многу заеднички планови, се е природно, бидејќи ние имаме блискост во историска, културна и во разни други димензии“, оцени министерот Мркиќ.

Министерот Попоски, пак, порача дека Македонија и Србија делат „партнерска визија“ во многу области.

„Интересот на Македонија е земјите во регионот во секој поглед да напредуваат во процесот на евроинтеграциите“, рече Попоски. Тој нагласи дека европската иднина е „заедничка и за Македонија и за Србија и дека од тие причини заедно работиме на тој пат“.

„Затоа планираме во оваа година да имаме заедннички состаноци и консултации по прашање од европската интеграција“, рече Попоски.

На новинарско прашање дали со Мркиќ разговарале за евентуално посредување на Србија за решавање на спорот за името, Попоски категорично одговори не.

Шефот на македонската дипломатија истакна дека трговската размена меѓу двете земји е многу значајна и дека на годишно ниво достигнува 800 милиони долари.

„Се надеваме дека е можно да ја зајакнеме соработката во областа на железничката и патната инфраструктура и енергетиката“, рече Попоски.

Двајцата министри потпишаа и договор за нострификација на дипломи односно за заемно признавање на дипломите од високошколските установи на двете земји.

Министерот Попоски, во рамки на официјалната посета на Србија, денеска во Белград имаше средби и со српскиот претседател Томислав Николиќ и со премиерот Ивица Дачиќ.