Македонија

Ристовски: Математичката гимназија е од национален интерес

Ристовски: Математичката гимназија е од национален интерес

Заменик-министерот за образование, Спиро Ристовски, вели дека потребни се сериозни активности и работи пред отворањето на математичката гимназија која вчера ја најави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

-Основната идеја е на еден начин да се формира училиште од национален интерес, елитно во научна смисла на зборот. Најдобрите и најталентирани ученици за математика да бидат составен дел од таа математичка гимназија. Веројатно нема да биде голем бројот на ученици кои ќе бидат составен дел на таа математичка гимназија. Планот е најпрво да се започне со формирање на една паралелка која ќе има исклучително високи критериуми за прием, ќе зависат исклучиво од степенот на познавање на математиката на учениците. Ќе станува збор за ограничен број кој веројатно нема да надминува повеќе од 20 ученици годишно. Со нив ќе работат редовен кадар на наставници, ќе се работи специјализирано на математика, физика, хемија, психологија и логика, рече Ристовски.

Како што најави вчера Груевски, планот е гимназијата да биде со сместувачки капацитети.

-Никогаш математиката сама за себе не била цел туку суштинска алатка за постигнување други цели и отворање на значителни можности. По примерот на многу земји предвидуваме отворање на специјализирана  национална математичка гимназија, која ќе нуди образование по посебни наставни планови и програми креирани и одобрени од Биро за развивање на образованието и поддршка од Природно-математичкиот факултет и МАНУ, кои ќе бидат дел од вонредниот наставен кадар и поддршка на редовниот, истакна тој.

Математичката гимназија ќе биде сместена во Скопје и ќе има ограничен број на места во секоја учебна година. По подготовките и ангажирањето на стручен кадар ќе биде отворена во 2017 година, а ќе има и кампус за учениците кои ќе имаат потреба за сместување, а ќе има и можност за дисперзирани студии во други градови.

Гимназијата ќе биде опремена со компјутерски лаборатории за изучување на математика и други сродни области,а ќе се изучува и напредна математика.