Јакимовски му одговори на Шилегов: „Знам те пушко кад си пиштољ била“

Се јави јунакот од под „јорган планина“! Наместо да излезе како маж, очи во очи на тв дуел, седи „безбедно“, типично за СДСМ-овец, задскриен зад својот лап-топ и сее магла.

Еве зошто, ниту тој, ниту било кој од раководството на СДСМ не смее да излезе на дуел со мене. Зашто ги знам како црвено јајце и точно знам што ќе кажат: дека сум предавник, дека сум криминалец и дека еден ден ќе ме апселе. Тие не се плашат тоа да го кажат, но се плашат од мојот одговор, кој за нив е поразителен, одговори Стевчо Јакимовски, по објавениот статус на Петре Шилегов на Фејсбук.

silegov

Ова е целосниот одговор на Јакимовски до Шилегов:

Демек човекот со предавници не разговарал?!

Е ај да го прашаме Шилежето (шилеже ни е ниту јагне ниту овца) како го нарекувате кај вас во партија Тито Петковски? Ако се сеќавате тој беше потпретседател на СДСМ; потпретседател и претседател на Собранието на Република Македонија, како и претседателски кандидат.

Во 2006 му ги удри клоците на СДСМ, го направи НСДП, зеде седум пратеника, го бутна СДСМ од власт и го инсталира Груевски, кој сега ви е ноќна мора. Да го потсетам, јас СДСМ не го бутнав од власт во Карпош, туку ја задржав власта и Општината. А тие доброволно одбија коалиција и го инсталираа ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Карпош.

ЛДП, поточно Ристо Пенов, со ВМРО-ДПМНЕ во 1996. година стана градоначалник на Скопје. Па, го повторни мандатот 2000-та година со СДСМ. Потоа беше коалиционен партнер во Владата на СДСМ од 2002 до 2006-та. На крај, во 2010 година, ја напуштија коалицијата со СДСМ и на избори одеа со слоганот, „Ни змија, ни магаре“. Вие од СДСМ кои бевте, змијата или магарето?

Жерновски во Парламентот со извадена хартиена банкнота велеше дека Груевски и Црвенковски се две страни од една пара: опачина и лице. Така ли беше?

Прашајте го Аднан Ќахил колку пати беше министер без ресор во владите на Љупчо Георгиевски и на Никола Груевски и чиј пратеник беше до 2011 година?

Самка Ибраимовски беше заменик министер и коалиционен партнер на СДСМ од 2002 до 2006 година, а потоа до 2011 година го гледавме на бини со Груевски и беше негов директорот на Центарот за азиланти во Визбегово, за денес, повторно да е коалиционен партнер на СДСМ.

Есад Рахиќ два пати на избори излезе против СДСМ. Фрлаше со дрвја и со камења по нив,а денес е повторно поголем католик од папата.

Да бројам уште или доста е? И како сите овие ги нарекувате: предавници, освестени или трансформирани предавници. Или можете повратници, надградени и дополнети?

Инаку предавници се оние кои 2001 година , кога државата гореше, побегнаа на Халкидики, а најбројни беа другарите на Шилежето. Тие функционираат по системот„ беганова мајка, никад ни је плакала“. Или на пример, предавник е човек на кој што партијата ќе му укаже чест и ќе го стави претседател на Второстепената владината комисија која решава по жалби во тендерски постапки, и кога за прифаќање или одбивање на жалба, на своите партиски колеги кои се долгогодишни спонзори на СДСМ им зема мито. Од таквите како него во СДСМ не остана ни бизнисмен. Предавник е тој што сега мирно нив ги гледа,без трошка срам и згора на тоа им држи лекции за криминал. А неговиот анкетен лист не можеш да го дочиташ, како „Војна и Мир“ е!

Е кога сме кај криминалот, Шилежето треба да знае дека во мојата 26 годишна работна кариера како директор на фирма, претседател на Управниот одбор на најголемата штедилница во Република Македонија, министер и градоначалник, имам потпишано околу 800 милиони евра и до денес, немам ниту една прекршочна, а камо ли кривична пријава.

Што се однесува до неговите закани дека тој како адвокат со мене можел да разговара само како негов клиент кој ќе го бранел, сакам да му порачам, дека јас си имам адвокат со кој сме заедно уште од деца, одличен познавач на правото, човечен и над се- чесен! А неговиот имотен лист не е ниту 3% од томовите на Шилежето.

Мене може да ме бранат само чесни адвокати, со такви се дружам. А негова клиентела може да бидат само другарите на Иснифари, разни Бајруши, Џељовци и останатите преживеани криминалци од „Хард рок“.

Што се однесува до неговите закани, воопшто не се вознемирувам. Не јас, туку тие од мене треба да се плашат, и тоа во два можни случаи. Првиот: дента кога ќе се вратам од таму каде што сакаат да ме пратат, (зад решетки) тогаш нема да им суди нивниот партиски суд, туку мојот –личен, кој ќе биде многу поправичен. И вториот: што ако еден ден, вие Црвените Кмери ме видите како министер за внатрешни работи. Е тогаш ќе ве вадам од земја, како компири! Тогаш ќе мора Шилежето да го образложи секој денар од имотниот лист, секој дијамант, сафир, рубин и останатите скапоцени камења, од каде ги добил и од каде ги купил.

Вели дека моите перја биле златни. Точно, такви се! За жал нека се погледне во огледало, да види дека неговите се лажни, фарбани и затоа нека ми каже кога му е роденден да му купам некоја кесичка к’на.

Е затоа тој може да се перчи само пред неговите полетарци од СДММ, ама пред мене нé! Зашто, „знам те пушко, кад си пиштољ била“!