Сорос: Нападите на ИД не можат да се споредат со загрозувањето што доаѓа од Русија

Режимот на рускиот претседател Владимир Путин, на кого заради достасаноста на голем дел од долговите, како и заради ниските цени на енергенсите, следната година му се заканува банкрот, актуелната миграциска криза ја користи за дестабилизација на Европската унија, пишува во денешниот авторски текст во љубљанско „Дело“ американскиот милијардер и основач на Фондацијата отворено општерство, Џорџ Сорос.

„За режимот на  Путин најделотворен начин да ја избегне пропаста е да се погрижи пред него да пропадне Европската унија“, се наведува во написот, и притоа се додава  дека ЕУ, која е погодена од повеќе кризи, веќе „пука по рабовите“ и дека во таква состојба нема да може да ги одржи економските санкции против Путин, воведени заради руската анексија на Крим и потикнувањето на сепаратизмот во Украина.

„Поделена Европа многу ќе му користи на Путин бидејќи ќе ги искористи своите познанства темелени на економските интереси, односно противевропските партии со кои грижливо ги негува односите“, наведува Сорос, а пренесува Фена.

Како што се наведува понатаму во текстот, Русија на Путин претставува реална закана за ЕУ, па таа мора единствено да настапи против неа бидејќи всушност Русија и ЕУ во сегашните односи водат „битка со времето“ кој прв ќе пропадне.

Тешко е да се разбере зошто лидерите од ЕУ и САД му веруваат на Путин и неговите зборови место да го судат „според делата“, бидејќи се покажа дека не може да му се верува, а нападите на ИД и неговото терористичко делување „без разлика на својата суровост, не можат да се споредат со загрозувањето што доаѓа од Русија“, се наведува во текстот во „Дело“.

-Ова опасност ќе биде тешко да се победи, но тоа е трка со времето и колку светот побрзо стане свесен за оваа опасност толку подобро, наведува Сорос.

Путин е добар тактичар, но лош стратег, па со делувањето во Сирија дојде во конфликт со турскиот претседател Ердоган и така им наштети на интересите и на Русија и на Турција.

Но, погрешно е да се мисли дека тој се одлучи за интервенцијата во Сирија за да се зголеми бегалскиот бран во Европа, но кога до тоа веќе дојде ја искористи приликата бидејќи во бегалската криза „ гледа прилика за забрзување на распадот на Европската унија“, наведува Сорос.