понеделник, 23 јануари 2017  |  Вести денес: 59

Нов пункт на Итна медицинска помош во Петровец

Новиот пункт на ИМП во Петровец е дел од планот за отворање дистални пунктови со цел подостапни здравствени услуги до граѓаните, како и скратување на просечното време потребно за интервенција.

Нов пункт на Итна медицинска помош во Петровец

Нов пункт на Итна медицинска помош во Петровец

Поврзани вести

Нов пункт на Итната медицинска помош (ИМП) од 1 март ќе почне да работи во рамки на амбуланта во општина Петровец. Ќе работи 24 часа секој ден, ќе има доктор, сестра и возач, кои ќе бидат задолжени како тим да одговараат на повиците и ќе покрива повеќе од 30.000 жители, со што се очекува драстично намалување на времето на одговор на повик на ИМП.

Новиот пункт на ИМП во Петровец е дел од планот за отворање дистални пунктови со цел подостапни здравствени услуги до граѓаните, како и скратување на просечното време потребно за интервенција.

Пунктот денеска го посети министерот за здравство Никола Тодоров, кој изјави дека ова е уште еден дополнителен бенефит за жителите од општина Петровец, но и за жителите од сите околни општини, што исто така, според него, ќе помогне не само за намалување на времето за одговор на повик, туку ќе помогне и за растеретување на здравствените установи во Скопје, пренесе МИА.

Укажа дека она што го договориле е покрај еден доктор, сестра и возач, да има уште една сестра во смена со цел пунктот на ИМП во Петровец никогаш да не биде затворен. Посочи дека доколку ИМП е на терен, сестрата ќе биде во пунктот и тој ќе работи постојано.

– Отпочнуваме со реализација на она што го најавивме, а тоа е силно зајакнување на ИМП преку силен фокус на Министерството за здравство на ИМП во Скопје, рече Тодоров.

Појасни дека двојно ги зголемуваат капацитетите на ИМП во Скопје односно ако имало 25 тимови на ИМП во Скопје, сега преку прием на нови доктори, сестри и возачи, овозможуваат во градот двојно да се зголеми тој број и наместо 25 тимови да има 50 тимови.

– Како резултат на тоа овозможуваме отворање на т.н. дистални пунктови кои ќе работат во подрачја кои се оддалечени од главниот град и предизвикуваа сериозно зголемување на времето на одговор на повик. Ние во континуитет го намалувавме времето на одговор на повик, па некаде од над 42 или 43 минути дојдовме на 38 минути во просек, што е во рамки на просекот на земјите во регионот. Наша интенција е овој период да го намалиме на 19 до 20 минути што ќе биде сериозно најниско време на одговор на повик на ИМП и во регионот, но и пошироко, истакна Тодоров, пренесе МИА.

Нагласи дека ИМП побрзо ќе може да стигне од Петровец на пример до сите други околни места отколку да тргнува од Скопје.

Доколку ИМП тргне од Скопје, потенцира министерот, таа не само што има подолг временски период за да стигне до местото, некогаш 30, 35 или 45 минути до местото на повикот, туку во истиот момент има недостиг на возила во тој регион, што значи треба да се бара возило од друг регион во Скопје.

– На тој начин доаѓаше до сериозно забавување на времето на реакција. Сега бидејќи во овој регион нема да треба да доаѓа возило од Ченто, туку ќе доаѓа возило од Петровец, ИМП многу побрзо ќе може да стигне и во Петровец, но и во Илинден, но и во делови од Гази Баба и општина Зелениково, рече Тодоров.

Директорката на Здравствен дом Скопје, Татјана Баевска Вучковиќ рече дека амбулантата Петровец е покриена со матични лекари кои опслужуваат 2.500 пациенти, има матичен стоматолог, а во делот на јавното здравство има тим кој врши систематски прегледи и вакцинација на деца.

– Со пунктот за ИМП ја комплетираме примарната базичната основа во однос на здравствениот систем и услугите ќе бидат навистина доближени, одговорот ќе биде побрз, навремен, кога е најпотребно бидејќи ИМП спаѓа во делот на ургентна вонболнична медицина, така што на овој начин, она што го планиравме еве денеска го реализираме и од 1 март пунктот официјално ќе почне со работа, додаде Баевска Вучковиќ.

Градоначалникот на општина Петровец, Борче Митевски истакна дека ИМП ќе опслужува 17 населени места од општина Петровец, пунктот е на идеална местоположба бидејќи ќе се опслужуваат и жителите од Зелениково, дел од Гази Баба, Илинден.

Најчитани вести