Унгарија ќе ја субвенционира авиолинијата Будимпешта-Скопје

Унгарија ќе ја субвенционира авиолинијата Будимпешта-Скопје
Унгарија ќе ја субвенционира авиолинијата Будимпешта-Скопје
Унгарската влада ќе субвенционира авиолетови од Будимпешта до Скопје и до уште неколку балкански градови. Kако што пишуваат тамошните медиуми, министерството за развој ќе објави во службениот весник на Европската Унија јавен повик за концесии на кој може да се пријават авиокомпании заинтересирани да летаат од унгарскиот главен град до Скопје, Подгорица и до Приштина.

Покрај ова, унгарската држава ќе ги поддржува и летовите до Тирана и до Софија. „Будапешт бизнис-џурнал“ пишува дека унгарската влада на овие авиолинии ќе воведе обврска за јавна услуга дозволена според правилата на ЕУ, а со цел да се одржува редовен јавен воздушен превоз, кој ќе биде од витално значење за економскиот развој на регионот, пишува весникот Дневник.

Исто така, во образложението за одлуката се вели дека оваа финансиска помош се нуди за повторно да се обноват голем број дестинации кои порано беа одржувани од страна на националниот авиопревозник „Малев“, кој отиде во стечај во февруари 2012 година. Дотогаш „Малев“ беше еден од најголемите превозници на скопскиот аеродром, одржуваше тринаесет летови неделно помеѓу главните градови на двете земји и опслужуваше значителна бројка на транзитни патници кои ја користеа Будимпешта за да продолжат до повеќе дестинации во Западна Европа и САД.

Нискобуџетската авиокомпанија „Визер“, која веќе има база во Скопје и од Македонија одржува 24 дестинации, се смета за главен кандидат за да ја добие концесијата за оваа линија. И од самата авиокомпанија досега неколкупати најавија дека имаат намера во своето портфолио да ја додадат линијата Скопје-Будимпешта. За пет години, колку што „Визер“ е присутен на македонското небо, превезе над 2 милиона патници со што лани достигна пазарен удел 49,2 отсто на двата македонски аеродрома.

Минатата година при посетата на Македонија државниот секретар за економска дипломатија на унгарската влада, Левент Маѓар, истакна дека треба што побргу да се воспостави авиоврска Скопје-Будимпешта бидејќи тоа позитивно ќе се одрази врз деловната соработка помеѓу фирмите, ќе го олесни развојот на туризмот и ќе ги подобри врските помеѓу двата народа, се додава во текстот на Дневник.

Инаку, од 20 мај авиокомпанијата „Чех ерлајнс“ ќе ја обнови редовната авионска линија Скопје-Прага, со три лета неделно, со што од скопскиот аеродром ќе може да се лета до триесетина европски града и до Дубаи. На македонскиот авиопазар му недостигаат директни летови до прекуокеанските центри на дијаспората, во САД, Kанада и во Австралија. Македонските воздушни власти во 2011 потпишаа договор за отворено небо со САД, кој беше услов за воведување директни летови меѓу двете земји, но поради малиот пазар, веројатно ќе треба да се почека на подобри услови за да отворат директни линии кон овие дестинации.