петок, 25 ноември 2016  |  Вести денес: 63

Ќе се реконструира големата сала на МОБ

Изработен е проект со кој е предвидено реконструкција на подот и електричната инсталација, замена на сите (околу 850) седишта во гледалиштето и поставување лед-екрани за претставите.

Ќе се реконструира големата сала на МОБ

Ќе се реконструира големата сала на МОБ

Поврзани вести

Реновирање на големата сала на Македонската опера и балет најави министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска која денеска ја посети оваа национална установа.

Изработен е проект со кој е предвидено реконструкција на подот и електричната инсталација, замена на сите (околу 850) седишта во гледалиштето и поставување лед-екрани за претставите.  Во март ќе биде објавен тендер за избор на фирма-изведувач, а зафатот би се реализирал од јуни, кога во МОБ ќе нема изведби.

Министерството, исто така, ќе поддржи и промена на светлосната опрема во МОБ на што укажаа директорите на установата на денешната средба со Канческа-Милевска.

Мерките со кои треба да се подобрат условите за работа во МОБ почнаа со вградувањето на новиот систем за греење и ладење кој им ги заштедил трошоците за 50 отсто.

Канческа-Милевска е задоволна од тоа што на сите три сцени кои ги посети се работи интензивно и го пофали новиот менаџерски тим на МОБ, предводен од генералниот директор Игор Дурловски.

– Новиот тим на МОБ за кратко време ја зголеми продукцијата на претстави кои се видливи и резултатот е позитивен. Ако лани за цела тековна година имавме околу 60 претстави, сега, за неполни два месеца – во јануари и февруари, веќе имаме 30 претстави – оперски, балетски и претстави за деца. Во споредба со претходната година тоа е рапидно зголемување на продукцијата и публиката е побројно присутна, изјави Канческа-Милевска нагласувајќи дека Министерството за култура, покрај инфраструктурните проекти, ќе продолжи да ги поддржува и програмските содржини на МОБ.

Од овој месец МОБ има и ново лого кое е поставено на главниот влез. Генералниот директор Дурловски рече дека имаат и други новини.

Опера 1

– На функција сум околу сто дена. Веќе се чувствуваат промените кај нас, работната атмосфера е многу позитивна, колегите-уметници сакаат да работат на следните проекти, зголемена е продукцијата на претстави и е зголемен приходот од продажба на билети. Со тоа, можеме да си дозволиме и екстра продукции кои ќе ги финансираме од сопствени средства. Покрај ребрендирањето на логото, од март планираме сите наши каталози, програмчиња и маркетинг-материјали да бидат во ново руво и секоја година ќе имаме нов начин на презентација, рече Дурловски.

Во моментов се работат три нови продукции во Операта и две нови продукции и обнова во Балетот, за што информираа уметничките директори.

Сони Петровски, директор на Операта, рече дека новите опери ќе ги изведуваат и во градови низ Македонија. Се подготвуваат и за 44-тите Мајски оперски вечери.

– Оваа година публиката на Мајските оперски вечери може да очекува околу 15 претстави, од кои најголем дел ќе бидат за возрасни, но имаме и нова манифестација – создаваме бренд од типот мали мајски оперски вечери, претстави наменети за нашата најмлада публика, за деца од три до девет години и за поголеми деца. Подготвуваме специјална програма за нив, се надеваме дека и тие ќе станат наша редовна публика и некој ден ќе доаѓаат на претставите за возрасни, рече Петровски.

Балет МОБ

Олга Панго, уметнички директор на Балетот, рече дека за неполни два месеца е подигната продукцијата. – Има осум до десет претстави месечно заедно со претставите за деца за кои имаме голем интерес. Ги имаме „Огнени градини“, „Жизел“ – за која имаме доста продадени билети. Во април планираме премиера на „Црвената соба“, во ноември голема претстава за 25 години уметничка кариера на примабалерината Александра Мијалкова, обнова на „Снежана и седумте џуџиња“, гостување во Берлин во декември со „14 часа“, за која сме во преговори и за гостување на летниот фестивал во Котор, рече Панго.

Најчитани вести