четврток, 20 јули 2017  |  Вести денес: 47

Терористичка група проба да избега од затвор во Атина

atina

Последни вести

Спречен е обид за бегство со хеликоптер на членови на една терористичка група од атинскиот затвор „Коридалос“, објави денеска електронското издание на грчкиот весник „Катимерини“, пренесува МИА.

Се претпоставува дека бегството е организирано од страна на терористичката група Револуционерна борба на Пола Рупа, по која трага полицијата.

Претходно, организацијата се обиде да му помогне да побегне од затвор на друг член од организацијата, Никос Мазиотис, како и на претставници на терористичката група Заговор на огненото јадро.

Според „Катимерини“, најновиот план предвидувал затворениците да бидат качени на приватен хеликоптер, но благодарение на реакцијата на пилотот бегството било спрелено.

Весникот наведува дека една жена го ангажирала хеликоптерот, користејќи лажна лична карта и давајќи лажни податоци за целта на летот.

Кога леталото се приближило до Атина, таа извадила оружје и заканувајќи му се на пилотот, побарала од него да отстапи од најавената маршрута. Потоа пукала три пати во предниот прозорец и пилотската кабина.

Балистичката експертиза покажала дека оружјето било употребено при грабеж на банка во март 2014 година, извршен од страна на Никос Мазиотис.

Пилотот, кој е поранешен полицаец, успеал да ја разоружа жената и да го преземе леталото, по што жената успеала да избега.

Весникот „Прото тема“ истакна дека во хеликоптерот можат да бидат сместени шест лица и има информации дека во декември е направена проба за евентуално бегство на затворениците од Коридалос.

Во 2006 и 2009 година со хеликоптер од дворот на строго обезбедуваниот затвор „Коридалос“ во Атина избега друг познат грчки криминалец, Василис Палеокостас.

Најчитани вести