Денешното судско рочиште за Дива населба без новинарски екипи

Новинарите не можеа да го следат судскиот процес против 29. лица обвинети за настаните во кумановската Дива населба, кој денеска продолжи во скопскиот Кривичен Суд, бидејќи во судницата нема доволно простор.

Во врска со тоа од Судот појаснија дека во судницата има место за само неколку претставници на медиумите, но од новинарите никој не влезе на судењето.

Претходните две рочишта се одржаа во големата сала на Врховниот суд, која денеска се реновира.

Обвинетите за случајот Дива населба се товарат за тероризам и учество во терористичка организација.

Од Судот најавуваат дека за следното рочиште ќе обезбедат видео врска од судењето, кое новинарите ќе можат да го следат од судската библиотека.

 

На 9 и на 10 мај минатата година во кумановската Дива населба вооружена група се судри со безбедносните сили. Во престрелката загинаа осум полицајци од специјалните и посебните единици на МВР, додека четириесетина беа тешко повредени.  Убиени беа и десет лица од вооружената група.