четврток, 23 март 2017  |  Вести денес: 0

Катастарот ќе прави проценка на сите недвижности

Податоците што ќе се соберат треба да понудат транспарентна вредност на сите видови недвижности - станбен и деловен простор, земјоделско земјиште, градежно земјиште, инфраструктура, што, пак, ќе овозможи поедноставно користење од граѓаните, бизнис секторот, инвеститорите.

Катстарот ќе прави проценка на сите недвижности

Катстарот ќе прави проценка на сите недвижности

Последни вести

Од втората половина на годинава катастарски службеници и волонтери ќе вршат теренска контрола за проценка на секој поединечен објект во државата. Целта е да се изврши масовна проценка на недвижностите, процес што Катастарот, во соработка со Комората на проценители и со користење шведски искуства, очекува да го заврши за две години.

Податоците што ќе се соберат треба да понудат транспарентна вредност на сите видови недвижности – станбен и деловен простор, земјоделско земјиште, градежно земјиште, инфраструктура, што, пак, ќе овозможи поедноставно користење од граѓаните, бизнис секторот, инвеститорите.

Со воспоставувањето на регистарот на цени на закупнини во март минатата година почнаа активностите за масовната проценка, а следни чекори се екипирање на секторот за проценка во Катастарот, изработка на софтверско решение и теренска контрола.

– Ќе имаме многу теренска работа, ќе бидат ангажирани и волонтери во целиот овој процес затоа што буквално ќе треба да ја посетат секоја недвижност, зграда, куќа, во Македонија при што ќе треба да се приберат основни податоци. Очекувам за две години да ја направиме масовната проценка што е многу комплициран и тежок процес, рече Славче Трпевски, директор на Агенцијата за катастар на недвижности.

Во организација на Катастарот денеска на работилница претставници од повеќе институции со шведски експерти и Комората на проценители ги утврдуваат следните активности за масовната проценка.

Како што најави Трпевски, Катастарот до средината на следниот месец очекува да презентира Годишен извештај со сите трансакции на недвижностите.

– Откако ќе ја направиме масовната проценка ќе знаеме точно колкава е вредноста на целокупниот имот во Македонија, а во Годишниот извештај во март ќе ги дадеме просечните цени по продажби, типови на продажби на ниво на целата држава по градови и населени места, а за тоа колку чини целокупниот имот ќе треба да ја почекаме масовната проценка, појасни Трпевски.

Масовната проценка, рече, ќе биде сидро што ќе ги каже основните параметри за секој недвижен имот.

– Ќе мора и проценителите и банките и сите да се држат до тоа сидро. Секоја недвижност е специфична сама за себе, затоа постојат индивидуални проценки, но генерално масовната проценка треба да биде сидро со кое не би требало да има големи отстапувања од вредноста што ќе биде утврдена, појасни директорот на Катастарот.

Од март до крајот на декември лани со регистарот на цени и закупнини се регистрирани 20.137 трансакции на недвижности, од кои 60 проценти се купопродажни, а 40 проценти закупи. Од обработените податоци досега во Скопје е евидентирана на 552 стана со просечна вредност од 51.870 денари за метар квадратен, во Битола просечната цена изнесува 31.555 денари, а во Штип 29.958 денари.

Од Комората на проценители истакнуваат дека се подготвени за активностите што ќе следат со масовната проценка и посочуваат дека е важно што од почетокот на годинава се воведуваат европските стандарди за проценка.

– Методологија за проценка на недвижен имот постои од 2010 година, но се базира на трошковниот пристап за проценување што не е добро, затоа што на европско и светско ниво секаде е пазарниот пристап. Тоа значи дека проценувачот треба да изврши анализа на пазарот, да најде споредба со три слични недвижнини за да ја утврди проценетата вредност, рече Надица Младеновска Крцковска, претседател на Комората на проценители на РМ.

Европските и меѓународните стандарди за проценка што се воведува, како што информира Младеновска Крцковска, веќе ги превела на македонски јазик и почнуваат интензивни обуки на сите проценувачи вклучувајќи ги и тие во општините и во банките.

Според Ханс Содерланд, експерт од Шведска, масовната проценка е важен процес затоа што нуди точни информации за недвижниот имот во една држава и за неговата вредност.

– Таквите информации воопшто се потребни за економијата на една земја. На пример, доколку сопственикот на еден недвижен имот има добри информации за вредноста може лесно да отиде во банка и да добие заем врз основа на хипотека на имотот. Многу е важно во масовната проценка целиот процес и законската рамка да бидат транспарентни затоа што без транспарентност не може да има ефикасен пазар на недвижности и тоа секако ќе биде пречка за инвеститорите да инвестираат на тој пазар. Во целата оваа проценка многу е важна довербата на јавноста, рече Содерланд.

Најчитани вести