Дамаск ќе ги исполни своите обврски од договорот за примирјето

Властите во Дамаск се подготвени да ги исполнат своите обврски од руско-американскиот предлог-договор за прогласување прекин на огнот меѓу владините сили и бунтовниците во Сирија, потврди сирискиот претседател Башар ал Асад во телефонски разговор со Путин, соопшти Кремљ.

– Асад посебно ја нагласи подготвеноста на сириската Влада да работи на воспоставувањето на примирјето, се наведува во соопштението.

Како што јави ТАСС, Путин и Асад во телефонскиот разговор нагласиле дека е значајно да продолжи бескомпромисната борба против Исламската држава, Фронтот ал Нусра и остантите групи вклучени на листата на терористички организации на Советот за безбедност на ОН.

Според Асад, примирјето, што треба да стапи во сила во петок во 22 часот по Гринич (23 часот по средноевропско време), претставува „важен чекор кон политичко решавање на конфликтот“.

Сириските власти вчера соопштија дека го прифаќаат руско-американскиот предлог за прекин на огнот во Сиирја, но дека ќе продолжат со борбите против „терористичките групи“ како што се ИД и Ал Нусра.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.