Најмалку шест загинати во бури и торнада во САД

Најмалку шест лица загинаа, а неколку десетици се повредени во повеќе бури и торнада кои вчера погодија неколку држави долж источното атлантско крајбрежје на САД, како и јужните држави Луизијана, Мисисипи и Флорида.

 

Спасувачките екипи се уште не можат да дадат оценка на штетите.

Само во трите јужни сојузни држави се регистрирани околу 25 торнада. Оштетени или целосно разурнати се стотици домови. Десетици илјади жители останале без електрична енергија.

Тројца од загинатите се во Вирџинија, каде вчера исто така имаше мошне силна бура. Меѓу нив е двегодишно дете. Гувернерот на државата Тери Маколиф синоќа прогласи вонредна состојба.

Метеоролозите прогнозираат дека и покрај ослабнувањето на бурите синоќа, опасноста се уште не е помината. Ризик има за територии, на кои живеат вкупно 88 милиони лица.

Во Средниот запад силните ветрови беа проследени со моќни снежни врнежи. Десетици летови од аеродромот во Чикаго се откажани, а училиштата во неколку држави од тој регион на САД се затворени.