Србија: И министерот за одбрана ќе може да ја ангажира војската во случај на потреба

Србија: И министерот за одбрана ќе може да ја ангажира војската во случај на потреба

Претседателот на Србија Томислав Николиќ му дозволи на министерот за одбрана во случај на потреба да ја стави војската во целосна готовност за да може да ги заштити граѓаните, државата и имотот од сите надворешни предизвици, пренесе Танјуг.

Ова го соопшти министерот за правда Никола Селаковиќ по денешната седница на Советот за национална безбедност на Србија. Тој појасни дека тоа значи дека во отсуство на претседателот, министерот за одбрана може да донесе одлука за ангажирање на армијата, ако тоа биде неопходно, односно ако полицијата не може сама да го обезбеди јавниот ред и мир.

– Државните органи, безбедносните служби ќе имаат доволно време, простор и капацитет да одговорат на секој предизвик за безбедноста и да ги заштитат државниот ред и граѓаните – рече Селаковиќ пред новинарите.

– Безбедноста на граѓаните и имотот е апсолутен приоритет и сите органи имаат обврска да работат да ги заштитат – додаде министерот.

– Сите полициски служби и силите за безбедност во Србија се во состојба на готовност по повод миграциската криза, изјави претходно Селаковиќ по повод вчерашната седница на Бирото за координација на службите за безбедност.

Селаковиќ истакна дека во Србија влегуваат се поголем број економски мигранти кои стануваат и поагресивни, но државата ќе продолжи да покажува почит кон секој мигрант, особено кон оние кои доаѓаат од зафатените од војна, области.

– Србија нема да крева огради и ѕидови, и останува посветена на досегашната миграциска политика, но на прво место ќе и биде да се заштите себе и своите интереси – рече српскиот министер за правда.