ВМРО-ДПМНЕ: Наместо на идеи и проекти, СДСМ се посветува само на фабрики за афери

СДСМ секогаш кога е без идеја посега по институциите на државата. Ова крајно несериозно однесување ги докажува непостоечките политички и демократски капацитети во СДСМ, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Соопштението на владејачката партија Ви го пренесуваме интегрално

СДСМ упорно докажува дека нема дно кое не може да го пробие.

Уште еднаш крајно безобразно и неодговорно СДСМ се обидува да го девалвира Уставниот Суд, државните институции и угледот на Република Македонија.

СДСМ секогаш кога е без идеја посега по институциите на државата. Ова крајно несериозно однесување ги докажува непостоечките политички и демократски капацитети во СДСМ.

На јавноста и е сосема јасно дека ВМРО-ДПМНЕ цврсто стои зад ставот во врска со актуелната иницијатива пред Уставниот суд и тоа не е променето од 2009 до сега.

СДСМ во 2009 беше со став дека измените во законот се неуставни и дека ќе паднат пред Уставниот суд. Затоа веќе трет ден се крие и Цветанка Иванова и Емилијан Станковиќ и сите членови на партијата кои во 2009 година гласаа против измените во законот за помилување. Затоа овие 2 дена му е дадена задача на Петре Шилегов да ја лаже и манипулира јавноста со политички напади врз институциите.

Кога СДСМ говори за врска меѓу политиката и судството треба да објасни каде работи кумот на Филип Медарски, адвокат и советник на аболицираниот криминалец Заев, каде работи сопругата на Филип Медарски и каде работи неговата мајка. Каква врска има Филип Медарски со СЈО, со Основниот суд и со Вишото јавно обвинителство?

СДСМ мора со афери да ја покрива сопствената непсособност, отсуството на програма и ниту една позитивна порака на СДСМ кон народот. Затоа СДСМ наместо да се посвети на идеи и проекти, се посветува само на фабрики за афери.

Тоа кристално чисто ја покажува лицемерната политика на СДСМ. Фабриката која ја создаваше Чаушот е само еден мал мозаик во целиот план на СДСМ за водење нечиста и црна кампања базирана единствено на лаги и манипулации.

Лагите и манипулациите на СДСМ се провидни и пукаат како меур од сапуница. Народот референдумски ќе гласа против сета оваа деструктивна политика на СДСМ и ќе им го испорача на најсуров начин десетиот јубилеен пораз по ред, се вели во соопштението.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.