Во Грција за неколку недели би можело да има 70.000 мигранти

Грчкиот министер за миграција, Јанис Музалас изјави дека бројот на бегалци кои ќе останат заглавени во Грција може да достигне 70.000 во следните неколку недели.

– Нашата проценка е дека бројот на луѓе кои ќе бидат заглавени во нашата земја ќе изнесува меѓу 50.000 и 70.000… и тоа уште во наредниот месец, изјави Музалас за грчката телевизија „Мега“.

Тој, како што јави дописникот на МИА  од Атина, нагласи дека во Грција веќе има околу 22.000 мигранти и бегалци, но додаде дека планот на НАТО за борба против шверцот со луѓе може значително да го ограничи приловит на мигранти.

Претставници на НАТО минатата недела утврдија како бродовите кои веќе се распоредени во Егејското Море, ќе пренесуваат разузнавачки информации и податоци од извидување на турската и грчката крајбрежна стража и на Фронтекс, и како екипите за спасување на НАТО ќе враќаат мигранти во Турција.

Планот е во рамките на договорот меѓу ЕУ и Турција за запирање на приливот на бегалци кои пристигнуваат во Европа.

– Ако се спроведе планот на НАТО … тоа би можело да го намали приливот на бегалци за околу 70 отсто, рече Музалас.

Тој информира дека Грција побарала итни финансиски средства од Европа за да се справи со бегалската криза, но не откри детали за бараниот износ.

Весникот „Катимерини“, меѓутоа, објави дека станува збор за сума од 228  милиони евра, кои би биле испристени за изградба на објекти за сместување на десетици илјади бегалци.