Битола обезбеди 500, а Ресен 100 локации за проектот „Купи куќа за млади“

Битола обезбеди 500, а Ресен 100 локации за проектот „Купи куќа за млади“
Битола обезбеди 500, а Ресен 100 локации за проектот „Купи куќа за млади“
Општина Битола определи 500 локации за реализација на проектот „Купи куќа за млади“, чиј иницијатор е Министерството за финансии.

На презентацијата во Битола во рамки на караванот посветен на проектите „Купи куќа за млади“ и „Купи куќа, купи стан“, градоначалникот Владимир Талески посочи дека маркиците за изградба на куќи се во населбата „Златен рид“ и општинската администрација целосно ќе биде во функција на заинтересираните апликанти за овој проект.

– Општина Битола во изминатиов период создаваше максимални услови за инвестирање и во функција на тоа ние изработивме три детални урбанистички планови во старата касарна или населбата „Златен рид“ каде се предвидени маркици, односно локации за изградба на куќи. Во касарната инвестираме во инфраструктурата, а со Министерството за транспорт и врски се договоривме делот од парцелите што ќе бидат од минимум 300 до 400 квадратни метри да се зголеми со можност за проширување, и маркиците да ја достигнат бројката 500. Цениме дека оваа бројка е доволна и дека сите амбиции на заинтересираните ќе бидат задоволени, а постапката со помош на Министерството за транспорт и врски ќе биде забрзана, истакна Талески.

Министерството за финансии освен во Битола, синоќа во исто време, проектот „Купи куќа за млади“ го промовираше и во општините Ресен и Демир Хисар.

Градоначалникот на Општина Ресен Ѓоко Стрезовски истакна дека интересот за владиниот проект во оваа Општина е голем, особено од страна на младите брачни парови или од оние кои планираат да стапат во брак во блиска иднина.

– Согласно покажаниот интерес и можностите што ги нуди овој проект Општина Ресен пристапи кон оформување локации за изградба на станбени објекти на површина од околу 9 хектари на кои ќе се урбанизираат околу 100 градежни парцели во градот Ресен. Со оваа активност очекуваме поголем број на млади да го решат своето станбено прашање во Ресен со што директно ќе се даде придонес и кон заложбите за создавање услови за поквалитетен живот за граѓаните, посебно за помладите и во руралните средини како што е Општина Ресен” – изјави Стезовски.

Интересот за проектот „Купи куќа за млади“ во сите општини е голем, вели портпаролката од Министерството за финансии Ивана Билбиловска.  Целта, како што додаде, на презентациите е луѓето до детали да се запознаат со проектот, да имаат комплетна информација, а ги анимираме и општините и сите заинтересирани да се запознаат со проектите на Министерството.