Владимир Василевски – Четкар од септември на голема азиска турнеја

Дојде време со мојата музика да ја освојам и Азија – најави македонскиот џезер со светска слава, Владимир Василевски- Четкар. Некои од најголемите куќи во Јапонија и Кореја веќе ги отпечатиле неговите албуми. На 13-ти септември ќе настапи на џез-фестивал во Хонг Конг и потоа, во наредните шест месеци, ќе гостува на фестивали и во клубови во Кина, Јапонија, Јужна Кореја, Тајланд, Малезија и Индонезија.

Во тимот музичари за турнејата низ Азија ќе вклучи соработници од САД, Европа, но, и колеги од земјава. Вели дека му е важно да ги презентира авторските дела како музика од македонски изведувач.

„Четкар заслужува да биде поддржан од државата“ рече министерката за култура, Елизабета Канческа- Милевска.

Четкар во САД е од крајот на 90-тите. Во 2001 дипломира на универзитетот Беркли и оттогаш самостојно ја гради својата кариера. Освен во Њујорк, каде што седма година  по ред настапува на престижниот Блу Ноут џез- фестивал, музиката ја презентира во повеќе земји и на специјализирани национални радија.