Спасовски и Фицо: Соработка за успешно справувањето со бегалската криза

Македонија е подготвена максимално да соработува со останатите земји од регионот и долж балканската рута за успешно справување со бегалската криза и да ги почитува и спроведува заедничките мерки и решенија, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски при денешната посета на прифатно транзитниот центар Гевгелија со премиерот на Словачка, Роберт Фицо и словачкиот министер за внатрешни работи, Роберт Калинак.

– Заради намалување на притисокот што го имаме на границата со Грција нашиот дневен пропуст на мигранти ќе зависи од тоа колку ќе бидат примени од земјите на ЕУ. За нас од исклучителна важност е да обезбедиме хуман третман и прием на овие луѓе, но не помалку важно е да ги заштитиме македонските полицајци и граѓани. Во инцидентот пред два дена имавме еден повреден полицаец заради ненавременото информирање за протокот на мигрантите. Затоа апелирам меѓусебната соработка што ја имаме со земјите од регионот да биде во насока да имаме јасни и прецизни одлуки, рече Спасовски.

Македонскиот министер за внатрешни работи изрази благодарност на Словачка и другите земји од Вишеградската група  што помагаат во оваа криза и нагласи дека очекува соработката да продолжи и да се продлабочува.

– Македонија не е членка на ЕУ но ќе ги почитуваме и спроведуваме донесените одлуки и ќе бидеме дел од заедничкото решение на бегалската криза, потенцира Спасовки.

Премиерот на Словачка, Роберт Фицо рече дека целта на неговото доаѓање на јужната македонска граница е да го посети контингентот словачки полицајци кои се дојдени тука да им помагаат на колегите од Македонија, да ги види условите во ПТЦ Гевгелија, состојбата на граничната линија и да даде ветување  дека заедно ќе се реши проблемот со бегалците.

– Ова е навистина чувствително прашање. Минатата недела се сретнав со вашиот претседател и со него разговаравме за можно решение на бегалската криза. Побарав од него веднаш да ми достави листа на опрема и какви било средства кои во моментот и се потребни на Македонија. Идниот понеделник на самитот на Европскиот совет очекувам да донесеме некакво европско решение. Гледам дека има голема нервоза, но билатералната соработка треба да продолжи и некакво решение што побргу мора да се најде, рече словачкиот премиер Роберт Фицо.