Стевананџија до Пимен: Ти си единствениот владика кому лајковите му се поважни од се’, па и од верата

Стевананџија до Пимен: Ти си единствениот владика кому лајковите му се поважни од се', па и од верата
Стевананџија до Пимен: Ти си единствениот владика кому лајковите му се поважни од се', па и од верата

Пратеникот Димитар Стевананџија денес повторно му одговори на владиката Пимен велејќи дека тој е единствениот владика на кого лајковите му се поважни од се, па и од верата, и од работата, и од својот претпоставен во случајот Архиепископот Стефан.

отец пимен

За жал одговори така како што очекував. Предвидливо. Полн со ароганција. Полн со самиот себе. Полн со самобендисаност. Вознесен од лајковите. Ти си единствениот владика кому лајковите му се поважни од се, па и од верата, и од работата, и од својот претпоставен во случајот Архиепископот Стефан. Лајкови денес на facebook може да добие секој шутрак и секоја будала. Може да добие и циркузант, и некултурен човек. Колку повеќе будалаштини толку повеќе лајкови. Може да добијат и мудри луѓе, ама ним тоа не им е ни приоритет ни важно, ниту пак го сметаат за нешто што треба да им го одредува животот и постапките.
Така се сеќавам пред две години како една професорка вознесена од лајковите се обиде да се кандидира за Претседател, па беше шокирана што 1000 потписи неможеше да собере. Лајковите не значат авторитет. Владика треба да има авторитет. Народот треба да го почитува, да не дели, туку да обединува. Ти се позиционира политички во општеството, и се раскара со пола народ. Имаш проблем со личната култура. Ја брукаш црквата. Тоа што ти немаш авторитет и си го рушиш самиот, допринесува да паѓа и авторитетот на црквата.
Прибери се малку и воздржи се од незрели коментари во јавноста. Кога јавноста гледа дека недозреан човек станал владика и член на синодот, паѓа авторитетот на целата црква.
Кај се чуло и видело владика да кисне на facebook и да биде политички коментатор за се и сешто. Ќе и навлечеш проблеми и негатива на МПЦ-оа.
Не ти личи како владика јавно да плукаш по чин на кој централна фигура беше архиепископот, кого го нарече без памет, оти се ова било безумно нели, безумно значи без ум или без памет. Тоа што архиепископот се плаши со секој од вас во синодот да се конфронтира или да ве казни дури и кога го навредувате јавно, за што сигурно има дебела причина, не значи дека треба да бришете патос со него и со неговите постапки.
Дај те молам не се брукај ни себе ни МПЦ-оа. Созреј побрзо кога веќе ни крив ни должен те назначиле за владика. Си седнал на facebook оговараш како стринка на чешма. Права теткица. Секој може и смее тоа да го прави како сака, и колку сака, ама ти си владика, треба да внимаваш на својот углед.
Помисли малку на вредностите на христијанството. Треба да ги живееш, а не само да ги зборуваш кога ти треба да изгледаш попаметен или пофраерски. Ти треба да си пример за другите, со твоите постапки, со твојот живот, со твоето однесување, а не да станеш предмет на потсмев. Самобендисаноста не е христијанска вредност. Ниту ароганцијата е христијанска вредност. Горделивоста е грев.
Седни и размисли малку пред да продолжиш да се конфронтираш со мене кој за добро ти се обраќам, иако сум поостар и поотворен отколку што треба. За твое добро, за добро на МПЦ-оа и на сите кои припаѓаат кон неа. Маалските итроштини од типот ,,кој е овој,, или ,,преку мене ќе се афирмира,, личат на тинејџер од 15 години. Ти имаш многу повеќе години и возраст од тоа, и што е најопасно, имаш и висока функција во црквата.
Ти добро знаеш и кој сум и што сум. И народот кој гласал за мене, знае кој сум. Оној народ кој на секои избори го гледам во очи и ја барам неговата доверба давајќи отчет за сработеното. И за сите мои грешки и добри работи ќе се изјаснат граѓаните на следните избори. Ако сум грешел ќе ме казнат, ако сум работел добро ќе ми дадат доверба. Кажи ми ти кој отчет ти си го дал и пред кого? Пред верниците? Или пред архиепископот кого го множиш со нула велејќи му јавно дека е без ум, и тој и оние 6-7 свештени лица кои беа околу него на церемонијата.
Од акање по кафичи и киснење на facebook, од конфронтирање и обид за правење некаков недозреан мангуп или маалски фраер, од алапачење по цел ден по социјалните мрежи, поп не бидува, а уште помалку владика. Личиш на неизживеан човек. Некој кој пред да стане владика никој за ништо ниту го прашувал ниту го слушал, па сега со мелење по цел ден по facebook и по кафичи ќе лечи комплекси од младоста. И тоа не е трагедија, да не беше владика во синодот. Ама ти си тоа, и затоа стави ги комплексите и фрустрациите на страна. Ти поминало времето да глумиш фраер или маалски мангуп. Уште помалку жртва. Ароганцијата, горделивоста и самобендисаноста ќе те уништат ако немаш поголема самоконтрола врз себе. Дојден си во лоша фаза. Се си подготвен да направиш и кажеш заради личен публицитет и за да ти се воодушеви групата на facebook. Луѓето мајтап играат со тебе, а ти си жив среќен од лајковите и коментарите. Но за жал, од вакви како тебе, се повеќе мајтап играат и со МПЦ-оа.

stevanandzija-fb