Австрија бара од Грција да го запре слободното преминување на бегалците кон север

Австрискиот министер за надворешни работи Себастијан Курц ја повика Грција да престане на бегалците, кои пристигнуваат на нејзина територија, да им дава дозвола да го продолжуваат патот кон Северна Европа, туку да ги згрижи во т.н. „критични точки“, јавија грчки медиуми.

– Должни сме да ставиме крај на политиката на Грција, која се сведува на слободен премин на бегалците кон Север, изјави Курц во интервју за германскиот весник „Зидојче цајтунг“.

– Невозможно е оние, кои успеаваат да стигнат до Грција да добиваат одобрение да го продолжат својот пат понатаму, додаде тој.

Тој додаде дека се прават напори Грција, со помош на Европската унија да формира „критични точки“, на кои на лице место ќе преземат мерки за згрижување на тие луѓе.

Курц смета дека отворањето на европските граници во септември минатата година по заедничката одлука на Австрија и Германија било „голема грешка“, која треба мошне брзо да биде исправена.