Париз го предупредува Лондон: Напуштањето на ЕУ ќе донесе последици за Британија

Официјален Париз ја предупреди Велика Британија дека евентуалното напуштање на ЕУ, нема да остене без последици за Британците, посебно кога станува збор за економијата и за имиграцијата.

По последната средба со британскиот премиер Дејвид Камерон, францускиот претседател Франсоа Оланд им изјавил на лондонските медиуми дека заминувањето на Британија од Унијата, нема да помине туку-така.

„Не сакам да ги плашам Британците, но сакам да ја кажам вистината- а тоа е дека во секој случај ќе има последици-„ изјавил Оланд за Би-Би-Си.

Во изјавата францускиот претседател вели дека Франција сака Велика Британија и понатаму да биде дел од Унијата, но дека Париз нема да ги притиска Британците во врска со ова прашање.

Изјавата на Оланд доаѓа по интервјуто на францускиот министер за финансии Емануел Макрон за „Фајненшл Тајмс„ во кое тој навестува дека по британското заминување од ЕУ, владата во Париз би можела да ја запре сегашната (британска) гранична контрола на француска територија, кај Кале.

Во интервјуто Макрон вели дека Франција ќе го лимитира и пристапот на Британија до единственот европски пазар, настојувајќи да ги натера банките во Лондон да се префрлат во Париз и во ЕУ.

„Истиот ден кога нашите односи ќе се раздвојат, мигрантите (кај Кале) нема повеќе да бидат на францускиот брег од Ламаш„- рекол министерот Макрон за „Фајненшл Тајмс„.

Во 2003 година, тогашниот шеф на британскиот Хоум Офис, Дејвид Бланкет и францускиот министер за внатрешни работи во тоа време, Никола Саркози, потпишаа во францускиот град Ле Туке, договор за погранична соработка и за контрола на мигрантите.

Според договорот, британските имигрантски власти го контролираат влезот во Британија, на француска територија, во пристаништата Кале и Данкерк, додека француската контрола се спроведува во Довер, на британската страна од каналот Ламанш.

Договорот меѓу двете земји и членки на ЕУ, беше направен по немирите во „дивиот„ камп покрај градот Кале, од мигрантите кои настојуваат да се префрлат на британската територија.

Овој камп од бегалци, од земјите од Африка и од Блискиот и Средниот Исток е создаден уште во 1999 година, а дури овие денови француските власти се одлучија да го разурнат.

Британскиот премиер Камерон уште минатиот месец, изјави во Лондон дека доколку Британија ја напушти ЕУ, лесно ќе се случи кампот кај Кале, или од некоја друга локација, да се преселат на британската страна од Ламанш.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.