Лукач: БиХ не е подготвена за задржување на мигранти

Министерот за внатрешни работи на Република Српска, Драган Лукач изјави дека доколку Хрватска ги затвори границите за мигранти постои можност од оваа пролет бегалците да тргнат по нова балканска рута.

Се додека мигрантите кон Европа се движат преку Хрватска, ова сценарио е нереално, вели Лукач.

– Доколку се случи мигрантите да тргнат низ БиХ, единственото што можеме да го сториме е да ги транспортираме низ нашата територија, бидејќи за било какво задржување БиХ не е подготвена, порача Лукач во емисијата „Печат“.

Заменик министерот за безбедност во БиХ, Мијо Крешиќ, вчера во Сараево изјави дека  ЕУ мора да стори се да не дојде до некоја нова мигрантска рута, која, како што кажа, би можела да влијае врз стабилноста на значителен број земји во регионот.

Крешиќ е уверен дека мапата на наводната нова рута од бегалскиот бран од Сирија кон Европа, чии автори се некои западни медиуми, нема да му се допадне никому бидејќи низ БиХ водат „непристапни терени, ридови и долини“.

– Целта на мигрантите кои доаѓаат од Сирија и со војна зафатените подрачја, се ветените земји, земјите од ЕУ, а не БиХ. Сметам дека ЕУ мора да стори се да не дојде со некоја нова мигрантска рута, која може да влијае врз стабилноста на значителен број земји во регионот, рече Крешиќ, а пренесоа медиумите во БиХ.