„Брачна игра“ премиерно на 27. март во МНТ

Претставата „Брачна игра“ од авторот Едвард Олби, а во режија на Тони Михајловски премиерно ќе биде одиграна на 27 март на малата сцена на Македонскиот народен театар.

Во претствата играат Весна Петрушевска и Игор Џамбазов. Преводот го направи Петрушевска, а изборот на музиката е на Џамбазов. Костимограф е Елена Лука, а сценограф Илина Ангеловска.

Режисерот и уметнички директор на МНТ Тони Михајловски на денешната прес-конференција рече дека  иницијативата за оваа претстава е на Игор и на Весна.

– Ова е пред се актерска претстава, која е напишана и дозволува да се распостеле целиот талент на еден женски и еден машки актер. Овој текст ја нуди целата дискомуникација меѓу двајца партнери, „осудени“ да бидат еден со друг, иако тоа е нивен личен избор. Претствата зборува за тоа што се случува кога сакате да направите промена во својот живот, имате волја, но немате сила и што се случува кога ќе се спојат ексцентричноста и конзервативноста на двајца партнери, рече Михајловски.

Петрушевска најави дека ќе поставуваат еден исклучителен автор и додаде оти ќе работат жестоко, прво за нив самите, а потоа за публиката.

Џамбазов истакна дека текстот се однесува на институцијата-брак која, како што рече, и кај нас почнува да се распаѓа.

– Ова не е приказна за бракот на нашите родители. Туку распадот на оваа институција почнува со нашата генерација, рече Џамбазов.

За Елена Лука претставува предизвик да се работи со Игор и Весна, кои во претставата ќе носат по два костими со цел да се долови двојството на личноста и позиционираноста во општеството.

Илина Ангеловска соопшти дека сценографијата треба да ја поддржи целата приказна што се случува.

– Станува збор за хипици, брачен пар, кои ќе ги следиме низ временски период од 30 години. Претставата ќе биде исполнета со многу детали, со доста визуелни коментари кои ќе ја поддржат целата приказна, рече Ангеловска.