Кончето во Зоолошка не е мртво, туку се одмара

Во медиумите беше пласирана шпекулација дека поради негрижа, умира коњче во Зоолошката градина во Скопје. „Би сакал да ве информирам дека оваа вест не е точна. Во Зоолошката градина нема мртво коњче, напротив, денеска Скопската ЗОО доби принова, откако се породи бремената кобила. На фотографијата може да се забележи, коњче кое лежи на земја, но воопшто не станува збор за мртво или болно животно, туку коњче кое се одмара во близина на штотуку породената мајка“- изјави Дане Кузмановски портпаролот на Зоолошката градина во Скопје.

Кузмановски вели дека не е првпат да бидат пласирани невистини од страна на Здружението за заштита на животните Анима мунди.

„Тие невистини ги користи да не обвини за негрижа. Претходно, не обвинија дека неправилно сме ја лечеле лавицата, а всушност стануваше збор за тешка болест- канцер. Тимот на Зоолошката градина во последниве неколку години покажа извонредна грижливост за животните и комплетно го промени ликот на Зоолошката градина, подобрувајќи ги условите во кои опстојуваат животните, а притоа создавајќи и пријатен амбиент за посетителите. Во моментов се работи на збогатување на Зоолошката градина со нови животни, за кои се подготвуваат комплетно нови живеалишта. Токму сето ова, допринесе нашата Зоолошка градина да се етаблира меѓу најдобрите на Балканот“ вели Кузмановски.