Јолевски: Ако се зголеми напливот на мигранти, ќе се засили и војската на јужната граница

Јолевски: Ако се зголеми напливот на мигранти, ќе се засили и војската на јужната граница
Јолевски: Ако се зголеми напливот на мигранти, ќе се засили и војската на јужната граница
Јужната граница е делумно отворена за проток на мигрантите низ нашата земја, добро е обезбедена од страна на безбедносните полициски сили на кои им помагаат полицајци од неколку европски земји и припадниците на АРМ. Бројот на војниците е зголемен со одлука на Врховниот командант поради порастот на бројот на мигрантите на околу 13 илјади само во реонот на Идомени.

Ова го изјави министерот за одбрана Зоран Јолевски кој денеска беше во посета на контингентот војници распоредени на јужната граница во реонот на Гевгелија.

Министерот Јолевски рече дека со координирано дејствување на припадниците на полицијата и Армијата, јужната граница е добро обезбедена со минимум илегални преминувања кои дневно се движат од 10 до стотина мигранти, кои за кусо време се откриени и се приведуваат од страна на армиските патроли.

– Доколку во следниот период бројката на мигранти се зголеми во камповите во Грција кај Идомени и Поликастро, можно е со одлука на Врховниот командант да биде зголемен и бројот на војници за обезбедување на јужната граница, рече министерот за одбрана.

Јолевски посочи дека оваа мигрантска криза е најголем проблем за Европа по Втората светска војна и оти затоа е потребна заедничка стратегија како да се делува за негово решавање и вклучување на сите земји од Европа и Турција.

– Се надевам дека состанокот што ќе се одржи во понеделник во Брисел ќе даде одредени резултати бидејќи, како на Грција, помош им треба на сите земји поради што решението треба да биде донесено со заедничка стратегија и политика, изјави Јолевски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.