Кривична за Спасовски заради непочитување на судска одлука

Оливер Спасовски не е над законот. Заради самоволието и игнорирањето на судовите, техничкиот министер се соочува со кривична одговорност.

Имено, во врска со незаконските именувања и разрешувања на Оливер Спасовски, направени исклучиво по партиска линија, Управниот суд донесе времени мерки кои после жалбите на Оливер Спасовски станаа правосилни. Сепак Спасовски одлучи да ги игнорира и да не постапува по нив. Станува збор за 29 времени мерки.

Во овој контекст, имајќи го во предвид сето погоре наведено било испратено укажување од 25. 02. 2016-та година до министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, при што беше побарано истиот ВЕДНАШ да постапи по овие ПРАВОСИЛНИ Решенија, односно да ја воспостави претходната состојба во МВР каква што беше пред донесувањето на нелегалните решенија што подразбира и примопредавање на работните простории, материјално-техничките средства и документацијата.

Оливер Спасовски не пристапил кон извршување на правосилните Решенија  за времена мерка донесени од Управниот суд на Република Македонија, ниту постапи по цитираното укажување, што претставува јасно и недвосмислено дејствие на одбивање на извршување на судска одлука донесена од Управниот суд на Република Македонија, со што се предизвикува потешка повреда на правата на оштетените незаконски разрешени раководители во МВР.

Кривичното дело е дотолку посериозно поради фактот што пријавениот постапил спротивно и на член 13 ставови 4 и 5 од Законот за судовите, согласно кој судските одлуки се задолжителни за сите правни и физички лица и имаат поголема сила во однос на одлуките на кој и да е друг орган и согласно кој секој е должен да ја почитува правосилната и извршната судска одлука под закана на законски санкции.

Исто така, со ова дејствие пријавениот постапил и спротивно на членот 5 од Законот за управните спорови, согласно кој одлуките на судовите донесени во управните спорови се задолжителни и извршни.  Максимално запретената казна за делото кое му се става на товар на Оливер Спасовски изнесува 10 години затвор.