вторник, 23 мај 2017  |  Вести денес: 45

Иванов за Телеграф: Македонија ја брани Европа од самата себе

Иванов: Европската Унија досега не покажа свест за справување со кризата, вклучително и со нејзиното пропуштање да го интегрира Балканот

ivanov

Последни вести

Претседателот Ѓорге Иванов, во колумна објавена во британскиот весник Телеграф, вели дека Македонија е соочена со директен удар од мигрантската криза, која предизвикува низа безбедносни, социјални и општествени предизвици за целиот европски континент. Претседателот Иванов додава дека Европската Унија досега не покажала свест за справување со кризата, вклучително и со нејзиното пропуштање да го интегрира Балканот.

“Во обединета Европа денес има повеќе ѕидови отколку што поделена Европа имаше за време на Студената војна. Додека Грција се соочува со опасност од хуманитарна криза, на границите на Балканот се распоредени армиите кои се во состојба на готовност. Секојдневно се соочуваме со обиди за нелегално влегување во Македонија, оштетување на државниот и приватен имот, употреба на фалсификувани пасоши и насилни акти против безбедносните сили на граничната линија од страна на мигрантите. Нивната намера е да се избегне процесот на регистрација и безбедносните проверки на лицата кои заслужуваат право на азил. Парадоксот е што сето тоа се случува од територија на држава која е дел од Шенген-зоната. Доведени сме во ситуација Македонија да ја брани Европа од Европската унија”, пишува претседателот Иванов во колумната за британски Телеграф.

Во колумната во Телеграф, објавена во пресрет на европскиот самит посветен на мигрантската криза, претседателот Иванов наведува дека Македонија ќе продолжи да работи за заедничко европско решение, додавајќи дека Грција, во моментов, е најслабата алка во Европа и помошта од ЕУ треба пред се да биде насочена кон Македонија и кон нашиот јужен сосед. “Република Македонија се залага за заедничко европско решение за мигрантската криза. Подготвени сме за сите можни сценарија, и ќе постапуваме онака како што постапуваат и другите држави долж бегалската рута, но и државите – крајни дестинации. Како транзитна земја, Македонија ова го прави за доброто на ЕУ. За жал, додека се обидуваме да ги спроведеме заклучоците на Европската унија се соочуваме со нефер критики. Се вели дека еден синџир е онолку цврст колку што е цврста најслабата алка. ЕУ и Шенген зоната се онолку цврсти колку што е цврста Грција. Европа како континент е безбедносно онолку цврста колку што е цврста Македонија. Затоа, треба да и се помогне и на Грција и на Македонија”, пишува Иванов во колумната во Телеграф.

Претседателот Иванов вели дека мигрантската криза ја потсетила Европа дека со векови Балканот бил клучниот европски коридор кон Блискиот Исток и Северна Африка, а сепак бил оставен надвор од Европската Унија. “Требаше да минат еден милион мигранти и бегалци за да ја потсетат Унијата дека од сите европски мигрантски коридори, најбрз, најбезбеден и најефтин е токму балканскиот коридор”, вели претседателот Иванов.

Освен запоставувањето на интеграциите на Балканот, претседателот Иванов оценува дека причина за кризата е генерализацијата на мигрантите, при што првично сите баратели на азил биле сметани за бегалци на кои им е неопходна хуманитарна заштита, а по нападите во Париз, кон сите се применува безбедносниот аршин. Претседателот Иванов воедно предупредува дека кризата укажува на сериозни политички проблеми внатре во самата Унија, од односите меѓу одделните држави, до нивниот модел на интеграција на мигрнатите.

“ЕУ одлично функционира во време на мир и просперитет, но не и во услови на криза. Со секој ден се повеќе се доведува во прашање довербата во европскиот систем. Цената на процесот на де-суверенизација е превисока. Се покажа дека кризата не може да се реши само со политички декларации и бирократски процедури, туку мора да се менаџира со помош и поддршка и од страна на безбедносните служби и воени структури. Мигрантската и бегалска криза го става на проверка европскиот модел на интеграција. Дали наместо обединета во различноста, Европа сега ќе се обединува против различноста? Дали наместо интеграција без асимилација, Европа сега претпочита интеграција со асимилација?”, пишува претседателот Иванов.

Најчитани вести