Берлин: Затворањето на „балканската рута“ е шпекулација

Портпаролот на германската канцеларка Ангела Меркел, Кристијане Вирц денеска изјави дека информациите на медиумите дека на денешниот Самит ЕУ-Турција во Брисел би можело да се договори „затворање на балканската бегалска рута“ се само шпекулации, се додека разговорите се уште траат.

– Забележав новински извештаи во кои се шпекулира дека балканската рута би можела да биде затворена, но сакам да кажам дека во овој момент тоа е само шпекулација, истакна Вирц, пренесува МИА.

Таа додаде дека „преговорите се во тек и ќе мора да се почека“.

Медиумите вчера објавија дека лидерите на ЕУ на денешниот состанок во Брисел ќе настојуваат да ја „запечатат балканската мигрантска рута“, да ја зголемат помошта за Грција и ќе се обидат да го убедат турскиот премиер Ахмет Давутоглу да го забави бегалскиот прилив и да прифати илјадници луѓе кои не ги исполнуваат условите за добивање азил.