Поволностите кои ги нуди „Македонија вработува“ траат до 15 април

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски при денешната посета на делчевско истакна дека сите оние коишто сакаат да ги искористат поволностите на проектот „Македонија вработува“ имаат уште околу месец и пол.

Како што посочи Груевски, најверојатно до завршувањето на проектот ќе се вработат уште две до три илјади лица, а сите вработувања во рамки на проектот, како што рече, ги направиле над осум илјади компании.

– Имаме една добра работа и кај компаниите и кај оние што биле без работа. Компаниите дојдоа до работници за коишто имаат многу помали трошоци, за кои не плаќаат различни давачки кои вообичаено ги плаќаат, како што се персонален данок на доход, придонеси зависно од мерките, а пак од друга страна, луѓето дојдоа полесно до вработување затоа што компаниите беа охрабрени и им беше помогнато со пониски трошоци да вработат луѓе. Тоа беше во значаен период исклучително важен и значаен проект, кој, како што реков, завршува на 15 април. Така што оние компании кои сакаат да ги искористат поволностите можат да ги искористат, појасни Груевски.

Тој потсети дека заедно со проектот „Македонија вработува“ и комплементарниот проект „Вработување на млади до 29 години“ досега се вработени над 22.400 вработувања што значи, како што нагласи Груевски,  дека е мошне висок бројот на вработувања за кус период.

– Помина неполна година од проектот „Македонија вработува“, а проектот „Вработување за млади до 29 години“ започна во март 2014 година, и заедно овие два проекта вработија 22.400 лица, а над 8.000 компании успеаја да си најдат работници за исклучително пониски трошоци отколку што тоа вообичаено го има во Република Македонија, нагласи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.