Нема нови бегалци во прифатниот центар во Гевгелија

Нема новодојдени мигранти и бегалци во транзитниот прифатен центар „Винојуг“ во Гевгелија откако границата денеска остана целосно затворена во исчекување на резултатите од вонредниот Самит ЕУ-Турција во Брисел.

Барбара Колци од Канцеларијата на УНХЦР за заштита потврди дека по заминувањето на последниот воз со 437 мигранти, денеска во Транзитниот прифатен центар од грчка страна нема влезено ниту едно лице и дека границата е затворена од 6 часот наутро.

ТПЦ Винојуг Гевгелија 2

Таа посочи дека внатре во Прифатниот центар има 11 лица и околу 70 мигранти сместени надвор во шатори, додека на грчка страна од границата за влез чекаат околу 13 илјади лица.

–  Станува збор за група од 70 лица кои се вратени од границата со  Хрватска пред десетина дена и моментално се заглавени бидејќи некои од нив ги немаат  сите потребни документи, рече Колци.

Еден воз од четири вагони со 437 мигранти од Сирија и Ирак денеска се упати од ПТЦ Гевгелија кон Табановце.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.