Турција и ЕУ не постигнаа договор околу бегалската криза

Вчерашниот Самит на кој се разговараше околу бегалската криза заврши без договор меѓу Турција и ЕУ. Тие си дадоа десeт дена повеќе за да склучат нов договор.

Туск наведе дека времето на нелегалната миграција во Европа е завршено, но меѓу европските шефови и турскиот премиер не е потпишано ништо. Ахмет Давутоглу се враќа во Анкара сигурен единствено во трајно разединетите европејци и покрај итната потреба од решение за кризата. И покрај 12 часа тешки преговори сценариото за неуспешна следна средба на 17 март во Брисел не е исклучено, пишува весникот Фигаро.

Турската Влада ги изненади сите поставувајќи на маса голем број предлози, но и списокот со барања до Европа. Анкара го подигна влогот кога побара нови три милијарди евра за обврската што ја презеде врз себе, коментира Монд.

Британски Гардијан објавува дека на синоќешната средба Давутоглу дал предлози за населување на еден сириски бегалец во Европа за секој мигрант вратен во Турција од грчки острови. Германскиот канцелар Ангела Меркел побара повеќе време за договарање на конечните детали. Дали тој неочекуван компромис ќе ја реши кризата прашува весникот.

Така ќе се затвори маршрутата кон Западен Балкан, смело изјави Туск, но дeтaлно погледнато изјавата можеби е дадена предвреме. Не е јасно дали договорот за реадмисија со Турција има законска или морална база.

Портпаролот на Амнести интернешенел изјави дека предлогот треба да се разгледа, но идејата луѓето да бидат вратени во држава која не почитува права на човекот е многу проблематично. Тоа може да противречи и на Конвенцијата на ОН за бегалците, наведува весникот.

Очајна Европа чекори на прсти околу Турција за да постигне договор за бегалците, објавува лондонски Фајненшал тајмс.

ЕУ е во паника заради мигрантите ослабен од финансиската криза и кризата во еврозоната и соочен со можноста Британија да излезе од Унијата. И удирана од лидери кои ги презираат вредностите. Додека европските шефови очајно се обидуваат да склучат договор во пракса за да и плаќаат на Турција да ги чува границите, турскиот претседател Ердоган им напомена дека за него веќе нема граници. Заедно со парите, Брисел предлага да се обноват и преговорите на Турција за членство и тоа би било добро за Турција, а можеби и за репутацијата на Европа, заклучува ФТ.

Турција ги изненади лидерите од ЕУ кога им постави куп барања за да содејствува за запирање на бранот бегалци од Сирија и Ирак и другите мигранти кои се обидуваат да влезат во Европа. Турските барања ги отворија слабите точки на ЕУ и покажаа дека тешкотиите, а и цената за справување со кризата само ќе се зголемуваат колку повеќе трае и барањето конечно решение, објави Њујорк Тајмс.