Во Македонија има 1.500 бегалци, решение за кризата на 17. март

Околу 1.500 бегалци и мигранти моментално се наоѓаат на подрачјето на Република Македонија.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека изминативе 24 часа 431 мигранти се наоѓаат во меѓузоната меѓу Македонија и Србија и чекаат за проверка и влез кај нашиот северен сосед.

migranti gevgelijaСостојбата е мирна во Прифатниот центар „Винојуг“ во Гевгелија, каде во моментов има 31 мигрант, додека од грчка страна во кампот Идомени се наоѓаат околу 14.000 бегалци.

Во текот на изминатото деноноќие МВР издало нови 132 потврди на мигранти за остварување на правото за барање азил. Од нив најголем број се деца, вкупно 65 придружувани од родител или старател, 34 возрасни мажи и 33 жени.

Издадени се потврди на 126 државјани на Сирија и 6 државјани на Ирак, додека нема издадено потврди на државјани на Авганистан. Заклучно со вчерашниот ден вкупната бројка на издадени потврди од почетокот на годината изнесува 89.623.

Македонија продолжува со политиката да пропушта толкав број мигранти и бегалци за колку што Србија одлучила да прими.

Маратонскиот самит за бегалската криза заврши без договор

На вчерашниот маратонски состанок на лидерите на земјите-членки на Европската унија со Турција посветен на бегалската криза што се одржа во Брисел не беше постигнат договор за решавање на бегалската криза.

begalci-grcijaТурскиот министер за надворешни работи, Ахмет Давутоглу вчера истакна дека Турција е подготвена да соработува, но воедно и дека е подготвена да стане членка на Унијата. Шефот на турската дипломатија од земјите членки на ЕУ во случај на затворање на Балканската рута побара парична помош, отпочнување на преговори за членство на Турција во ЕУ, како и за реадмисија на секој бегалец во Турција, по еден Сириец да биде примен во некоја од земјите членки на ЕУ.

Имено, решението за бегалската криза ќе се бара на 17. овој месец.

Церар: Балканската рута за илегална миграција повеќе не постои

Словенскиот премиер, Миро Церар, по состанокот сепак потврди дека балканската рута се затвора.

И покрај тоа што во завршниот документ од средбата не се најде претходно подготвениот заклучок дека „се затвора западнобалканската мигрантска рута“, туку само дека е „завршен протокот на бегалци“, сепак словенечкиот премиер потврди дека од денеска сите земји на оваа рута, вклучително и Македонија, на официјалните гранични премини треба да пуштаат само лица со валидни документи за влез.

– Да, заклучокот е малку преформулиран, но смислата останува, а тоа е дека балканската рута за илегална миграција повеќе не постои. Тоа е јасна порака што овој неформален Самит ја испрати до илегалните мигранти и криумчарите, потенцираше Церар.