Јапонска донација за училиштето „Св.Кирил и Методиј“ во кочанско

Подрачното основно училиште „Свети Кирил и Методиј“ во кочанското село Горни Подлог, кое беше погодено од поплавите во февруари минатата година че се реновира со грант од 80.497 евра.

Овој грант е одобрен преку програмата „Грант помош за поддршка на мали проекти“ основан од Владата на Јапонија.

Во училиштето во Горни Подлог денеска на прес-конференција беа соопштени активностите кои ќе бидат реализирани во училиштето со средства од јапонската донација.

– Јапонската донација за нас како општина е добредојдена. Со неа ќе се санираат штетите во ова училиште кои по поплавите во февруари минатата година се уште се видливи како на фасадата, така и во училниците. Соработката со јапонскиот народ е на високо ниво, и ова е втор проект кој ке го користи општината Кочани. Пред три години со помош на Јапонската Влада и јапонскиот народ Општина Кочани и Комуналното претпријатие добија на трајно користење современо возило за собирање на смет, истакна Ратко Димитровски, градоначалник на општина Кочани.

Директорката на ОУ„Свети Кирил и Метопиј“ Весна Зашева изрази задоволство од добиената донација за реновирање на училиштето и истакна дека со добиените средства целосно ќе се реновира училиштето, ќе се замени кровот, вратите и прозорците и целосно ќе се реновира фасадата. Работите се очекува да започнат на крајот од учебната година и на есен учениците да учат во ново современо училиште.

Задоволство од добиените финансиски средства искажаа и жителите на село Горни Подлог, чии ученици заедно со учениците од селата Долни Подлог и Мојанци, вкупно 130 на број од прво до деветто оделение ја следат наставата во ова училиште.

Според претседателот на Месната заедница од Горни Подлог на ова училиште му недостатува спортска сала за да може наставата по физичко воспитување да се изведува во сал.