Голем интерес за проектот „Купи куќа за млади“ во Штип

Можностите што на младите им ги нуди проектот „Купи куќа за млади“ за да дојдат до сопствен дом синоќа беа презентирани пред граѓаните на Штип.

Градоначалникот на Штип, Илчо Захариев истакна дека општинската администрација веќе ги работи деталните урбанистички планови за три локации, каде што ќе се понудат околу 1.000 парцели за изградба на куќи за млади до 35 години без разлика на нивниот брачен статус.

– Првата локација е во населбата „Три чешми“ кон аеродромот „Сушево“. Таму имаме 105 плацеви, а урбанистичката документација е во завршна фаза. Втората локација е од Три чешми од црквата „Свети Илија“ и училиштето се до клучката која води кон Радовиш и Струмица. На таа локација имаме околу 650 пацеви, а може да излезат и повеќе. Тоа е огромна површина, каде што ќе никне нов град. Локацијата е многу добра затоа што овие куќи се наоѓаат до самите фабрики, односно до ТИРЗ така што младите ако работат во „Актива“, „Џонсон Контролс“, „Техникал Текстајлс“ или во „Кондево“ ќе имаат прилика тука да си направат куќи. Третата локација е во населба „Баби“ под филтер станицата каде се планираат од 100 до 150 куќи. И оваа урбанистичка документација веќе се подготвува. До јуни би биле готови да ги објавиме локациите за продажба, истакна Захариев.

Тој напомена дека парцелите што ќе бидат наменети за проектот „Купи куќа за млади“ ќе бидат со површина од 300 до 350 м/2, а ќе се купуваат за едно евро за квадрат, а голем бенефит е тоа што за уредување на просторот и изградбата на водоводна и канализациона мрежа, Владата ќе учествува со 75 проценти, а општината со 25 проценти.

– Со овој проект младите ќе добијат атрактивни локации, парцелите ќе бидат многу евтини, а притоа Владата максимално ќе ги субвенционира ако земат кредит. Сакам да нагласам дека и со измените на Законот за градење, дадена е шанса во урбанизираните делови, каде што постојат детални урбанистички планови, а кадешто катноста е приземје или П+1, да се даде шанса да се надгради П+2 и поткровје, без промена на урбанистичкиот план. Доволно е да донесе проект и да си платат комуналии, појасни Захариев.

Тој посочи дека околу 600 млади луѓе од штипскиот регион пројавиле интерес за проектот, а доколку аплицираат бесплатен ќе им биде и проектот за куќите, бидејќи Министерството за транспорт и врски нуди 10 типови проекти за типски куќи.

За Штипјани најновиот проект на Владата е шанса што треба да ја искористат младите за да дојдат до сопствен дом.

Според Љупчо Стојанов кој го посети караванот „Купи куќа за млади“ за да се информира за можностите што ги нуди проектот и како полесно неговата ќерка да дојде до сопствен дом, овој владин проект е можност за сите млади да го решат станбеното прашање.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.