„Прочка 2016“ : Почнуваат карневалските свечености во Прилеп

Прилеп е подготвен карневалски. Почнува викендот на преправањето, на мечкарите, на карневалската забава. По 15-ти јубилеен пат, ќе дефилираат стотиците маски, ќе ја продолжат традицијата, ќе укажат, мајтапчиски, на нашиот начин на живеење.

Годинава, за прв пат ќе има две дефилеа. Утре ќе дефилираат младите, а в недела, на Прочка, е централното дефиле на маските од земјава и странство.

„Очекуваме над 1 500 учесници во групните маски. Досега имаме најавено групи од Србија, Хрватска, Словенија, од Грција, Албанија, Бугарија и од Италија“, вели Снежана Ристеска, советник за култура при локалната самоуправа.

Угостителите се подготвени за гостите,  прилепчани ги осмислија маските.

„Овој карневал е вековен, меѓутоа организирано се слави овие 15 години. Имаме најавено многу гости. капацитетите на хотелите, рестораните веќе се организирани, па и преполни“, изјави Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.

Со петнаесетгодишниот јубилеј и десетгодишното членство во европската карневалска асоцијација, Прочка ги привлекува посетителите отсекаде.

„Сега е доста организирано за да се покаже она што го има во Прилеп. Самото присуство на учесниците, меѓу кои има голем дел туристи. Околу 10 до 15 000 имаме учесници надвор од прилеп, од републиката и странство“, вели Ванчо Георгиев, претседател на здружението „Мечкари“.

Прилепските викенд-карневалски настани ќе понудат и изложба на маски, визуелни спомени за Карневалот низ годините,  монографија, магија, жонглери, акробација и вековна традиција – прошка од постарите.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.