Женева: Продолжуваат преговорите за Сирија

Женева: Продолжуваат преговорите за Сирија
Женева: Продолжуваат преговорите за Сирија

Нова рунда преговори за завршување на граѓанската војна во Сирија почнува денеска во Женева, пет години по почетокот на судирите, во кои настрадаа над 270.000 луѓе, а милиони се раселени.

Бидејќи спротиставените страни не успеваат да постигнат договор за дневниот ред на преговорите, малку е веројатно дека ќе успеат привременото примирје да го претворат во мировен договор.

Спротиставените страни во Сирија не се согласуваат и за судбината на претседателот Башар ал Асад, при што Владата истакнува дека тоа прашање е црвена линија за претстојните мировни преговори, додека опозицијата бара Асад да замине од власт, жив или мртов.

– Нема да преговараме со никого кој планира да разговара за претседателот… Башар ал Асад е црвена линија, изјави сирискиот министер за надворешни работи Валид Муалем, додавајќи дека ако опозицијата продолжи со таквиот пристап, нема причина за доаѓање во Женева.

Американскиот државен секретар Џон Кери вчера го предупреди режимот на Асад и неговите сојузници, вклучително Русија, да не го експлоатираат кревкото примирје во Сирија за сопствени потреби.

Шефот на француската дипломатија Жан-Марк Еро изјавата на Муалем ја оцени како „провокација и лош сигнал“ за обидите за изнаоѓање на мир.