Македонија е лидер во конкурентноста во ЈИЕ

Македонија е лидер во конкурентноста во ЈИЕ
Македонија е лидер во конкурентноста во ЈИЕ

Македонија е лидер во регионот, покажува публикацијата „Конкурентноста во Југоисточна Европа – политики и перспективи 2016“ на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) која опфаќа квалитативна и квантитативна анализа на 15 клучни реформски политики за унапредување на конкурентноста во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Србија и Црна Гора.

Публикацијата, која е објавена минатиот месец, денеска беше промовирана во Македонија, како прва од земјите во регионот каде што се презентира.

– Македонија во овој извештај е рангирана на прво место од земјите во регионот што укажува дека политиките што се спроведуваат се во вистинска насока. Извештајот анализира 15 различни области од кои во шест Македонија е рангирана на прво место, во пет на второ. Како Влада ќе продолжиме во таа насока, изјави вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски пред промоцијата на пубикацијата.

Тој посочи дека Владата има подготвено соодветен акциски план за периодот од 2016 до 2020 година со кој треба да се развиваат мерки за подобрување на конкурентноста.

– За тоа во Буџетот имаме издвоено над 130 милиони евра со кои се планира имплементација на 48 мерки. Но, подготвени сме и да ги видиме препораките од ОЕЦД кои се во насока сите мерки што ги преземаме да дадат уште поефективни резултати за подобрување на конкурентноста на македонските компании, а со тоа и на нашите работници, нивно поголемо вклучување во додавање поголема додадена вредност и подигнување на животниот стандард на сите во земјата, рече Пешевски.

Во насока на подобрување на конкурентноста на националната економија, како што рече во неговото обраќање при презентацијата на публикацијата, се и инфраструктурните проекти во висина од околу една милијарда евра кои во моментов се спроведуваат во Македонија.

Шефот на ОЕЦД за инвестиции во ЈИЕ, Алан Паиќ, кој работи последните 16 години во регионот и им помага на владите да ја подобрат конкурентноста и климата за развој на приватниот сектор, рече дека публикацијата сака да помогне регионот да се извлече од просечноста и средните приходи и да стане регион што ќе биде воден од вредноста, иновациите, вештините и да се заснова на економија базирана на знаење и развој.

– Токму затоа оваа публикација е многу важна за да им помогне на владите да видат каде треба да ги насочат своите напори и кои реформи се неопходни да се направат за да се подобри конкурентноста и благосостојбата на граѓаните, изјави Паиќ.

Тој посочи дека во Македонија последните подобрувања во областа на иновативноста се особено охрабрувачки поради што треба да продолжат. Според него, треба да има подобрувања во областа на образованието кои ќе водат кон настава и пракса соодветна за бизнис потребите.

– Условите за инвестирање во Македонија се добри. Имате силна Агенција за промоција на ивестиции која спроведува добри активности на тоа поле, рече Паиќ, додавајќи дека е потребна и соработка помеѓу Владата и приватниот сектор за да се обезбеди работната сила што ќе ги има вистинските вештини за работите што се нудат.

Од 13-те области во кои е извршено рангирање во публикацијата Македонија е позиционирана на првото место во областите: трговска размена, развој на дигиталното општество, транспорт, пристап до финасии, даноци и јавни услуги, а на второ место по: раст и развој на иновации, заштита на животна средина, вработување и здравство. Како области во кои земјава има најголем простор за напредок се посочуваат инвестициите каде Македонија е рангирана на трето место и културата и креативните бизниси каде сме четврторангирани. Во публикацијата има и препораки како да се подобри секоја од областите.